Борко Ристовски ги зачуди домашните известувачи од Европското ракометно првенство во Хрватска со комплиментите за нивната репрезентација, а во исто време со омаловажувањето на селекторот Лино Червар.



„Хрватска има многу добра екипа, но ѝ недостига подобар селектор. Лино Червар не е селектор за оваа Хрватска, бидејќи неговото време помина пред пет-шест години. Тој е во години и надвор од врвниот ракомет веќе десетина години. Кога би имале подобар селектор, сигурен сум дека би биле еден од фаворитите за медал“, изјави популарниот „министер за одбрана“ на Македонија.

„Погледнете го само ракометот што го игра Хрватска. Имате исклучителни играчи, еден од најдобрите играчи во светот (мисли на Домагој Дувњак – н.з.), а играте сосем поинаков ракомет од модерниот. Тоа е некој ракомет што се играше пред пет-шест години, но оваа игра брзо се развива“, се дообјасни Ристовски, кој беше прогласен за МВП на мечот со Германија.

Нетрпеливоста меѓу Ристовски и Червар трае уште од доаѓањето на Лино на клупата на Металург, кога, токму поради нарушените меѓусебни односи, Борко реши да замине во Вардар. Обостраниот анимозитет кулминира со изоставувањето на првиот голман на македонската репрезентација од составот за ланското Светско првенство во Франција. На местата на Ристовски и на Никола Митревски, кои сега се во ростерот, тогаш македонскиот гол го бранеа Кирил Колев и Благојче Трајковски.