Бугарскиот премиер Бојко Борисов нема да даде извинување за депортирањето на Евреите од Вардарска Македонија и од Беломорска Тракија, бидејќи бугарската држава и бугарскиот народ немаат вина за тие драматични настани, дознава порталот „Епицентар.бг“.
„Нема такво нешто. Не може да има извинување за нешто за кое нема вина“, изјавил за порталот член на делегацијата што ќе го придружува Борисов утре во Скопје на комеморацијата по повод 75 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.
Пред некој ден вебсајтот „Клуб 3“ објави дека претседателот на бугарската Влада се очекува во Скопје да се извини за тоа што Бугарија не успеа да спаси 11.343 Евреи од териториите на Вардарска Македонија и на Егејска Тракија придодадени на Третото бугарско царство за време на војната. Од нив 7.762 се од територијата на денешна Република Македонија.
Денеска партијата Национален фронт за спас на Бугарија на вицепремиерот Валериј Симеонов излезе со декларација во која нагласува дека „таквото извинување и прифаќање на туѓа вина и престапи не е разгледувано ниту на седница на Министерскиот совет (Владата – н.з.), ниту на Политичкиот совет на коалицијата ГЕРБ – ОП (Обединети патриоти – н.з.) и не може да биде позиција на извршната власт на Република Бугарија!“.
„Жалиме, тагуваме за нив, но подвизите на бугарскиот народ не треба да се омаловажуваат поради тоа. Горд сум што сум потомок на таков народ кој се спротивстави и застана со морал, храброст и цврстина за спасување на речиси 50.000 свои граѓани“, рече Борисов на церемонијата во централната софиска синагога по повод 75-годишнината од спасението на бугарските Евреи за време на Втората светска војна.





