Борисов и Заев ќе пуштат обновен пат до границата со Македонија

Бугарскиот премиер Бојко Борисов и неговиот македонски колега Зоран Заев на 23 ноември ќе го пуштат во употреба реконструираниот пат од Првомај преку Старчево до граничниот премин Златарево – Ново Село.
Патот, чие одржување е во надлежност на државата, го користат земјоделците од Бугарија за превоз на овошје и зеленчук до пазарот кај селото Крналово, но служи и како делница кон граничниот премин Златарево кога е затворен основниот пат преку Петрич. На оваа делница повеќе од 20 години само се крпат дупките, а жителите на неколку околни села минатата година поднесоа петиција за таа одново да се асфалтира.
Според бугарскиот министер за регионален развој Николај Нанков, жителите од двете држави веќе две децении чекаат обновен пат преку границата, кој веќе е готов и во тек е поставувањето на хоризонталната и на вертикалната сигнализација.