Со партијата на премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски сме сестринска партија, но и со грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис сме „сестри“, порача поранешниот премиер на Бугарија и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов



„Ние сме сестринска партија иако тој збор не ми се допаѓа многу, јас да сум сестра, и на тој начин и Мицотакис, премиерот на Грција ми е сестра. Кога наеднаш ќе се скараш со двете сестри – кажувам лаички оти не ми се допаѓа, пак (терминот) браќа е многу силен, – ништо добро не те чека.

Ние сакаме да се почитуваат договорите и сите други интерпретации не се добри за колегите од С. Македонија“, рече Борисов.

Македонскиот премиер Мицкоски вчера изрази подготвеност да седне на маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со Борисов, доколку вториот одново стане премиер, но посочи дека изнаоѓањето решение за македонско-бугарскиот спор е двонасочна улица и дека ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување.