Прашањето за вклучување на Македонија и Западниот Бакан во ЕУ е приоритет на бугарското претседателство во ЕУ кое што започнува догодина, го информирал бугарскиот премиер Борисов претставникот на американскиот Стејт Департмент Хојт Ји со кого се сретнал вчера во Софија.
Според соопштението на бугарската влада Борисов ја потенцирал важноста од европските перспективи за земјите од регионот и гостинот го информирал за резултатите од средбата во рамки на Берлинскиот процес на ЕУ која што се одржа во Трст.
Според Борисов поддршката на ЕУ за поврзување на Западниот Балкан преку коридорот 8 е многу важна работа која што ќе помогне во развојот на односите меѓу сите земји во регионот.
На средбата се разговарало и за гасните рути во регионот кои што треба да доведат до диверзификација на изворите на гас од кои се снабдува Југоистична Европа.
Разговарано било и за билатералните односи Бугарија – САД при што е потенцирана соработката во областа на безбедноста и одбраната.





