Без оглед на идниот мировен договор, Русија ќе мора да одговара за воените злосторства што ги изврши во Украина и да плати за уништувањето што го предизвика, изјави вчера шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел кој е во посета на Украина.
„Ако мирот треба да биде мир, а не само прекин на огнот, тој мора да биде праведен и траен“, нагласи Жозеп Борел.
Тој е првиот висок европски лидер што ја посети Украина по изборот на Доналд Трамп во САД, чие ветување за брзо завршување на војната ги натера Украинците да се плашат дека ќе бидат принудени да попуштат пред територијалните претензии на Русија.
„Ова е предупредување за оние кои велат дека оваа војна мора да заврши, за да можеме да ја завршиме што е можно побрзо, без разлика на се“, додаде Борел за време на посетата на Черниговската област.
Борел посочи дека европската помош за Украина е негов личен приоритет за време на неговиот мандат како еврокомесар. Според него, тоа ќе остане таков приоритет за ЕУ.
Според него, никој не знае точно што ќе направи администрацијата на Доналд Трамп. Тој истакна дека Џо Бајден има уште два месеци на функцијата за да донесе одлуки.
Рано утринава, ширум Украина беше објавена воздушна тревога поради полетување на руските авиони Ту-95 и МиГ-31.
Утрово Борел на ‘Х’ објави дека утрото го започнал во засолниште во Киев.
„Го започнувам денот во Киев во засолниште, додека Русија извршува уште еден ракетен напад. Ова е секојдневната реалност за украинскиот народ од руската инвазија во полн обем“, напиша денеска Борел на платформата Х.






