На Словенецот на австриската клупа Алеш Пајович уште не му се верува од каде погоди македонскиот капитен Филип Кузмановски за реми 29:29 во Вараждин на стартот од главната фаза на 29. Светско првенство за ракометари во Хрватска, Данска и Норвешка.
Македонија имаше само четири секунди за да се спаси од пораз по голот на Лукас Хутечек, а по тајмаутот од селекторот Кирил Лазаров популарниот Фитиљ прими топка еден метар пред центарот на игралиштето, направи три чекора и ја „скина“ австриската мрежа.
Првиот стрелец на шампионатот и лидер по голови плус асистенции во прелиминарната фаза својата радост ја овековечи со селфи со соиграчите по натпреварот за инфаркт.






