Божиновска до Јотова: Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува Бугарин

Македонската министерка за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ѝ реплицира на бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која на денешната тркалезна маса под наслов „Бугарите на Балканот надвор од границата по 1878 година. Кодекс на опстанокот“ во Ќустендил откри: „Лично ги видов нејзините документи и декларација, лично потпишана од неа, во која таа наведува дека има бугарска самосвест и потекло“.



„Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век.

Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат.

Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари.

Луѓето, како и јас, побарале бугарски пасош од една и единствена причина, економски потреби за работа надвор од Македонија.

Ако госпоѓата Јотова мисли дека измамата со внесени документи од бугарската држава, ќе го смени моето чувство дека сум Македонка, па и чувството на многу мои сограѓани, тогаш или не разбира дека политиката на подметнување им е пропадната или не разбира дека ние сме имале економска потреба, а таа и политичарите како неа, сме ги оставиле да фантазираат како да се наоѓаат во деветнаесеттиот век.

Госпоѓата Јотова, наместо со ситни полициски подметнувања добро е да почне да се занимава со потребата на Македонците во Бугарија, конечно да бидат признаени како малцинство и да им се овозможат основните човекови права“, објави Божиновска на Фејсбук.