Бугарскиот историчар Божидар Димитров предложи дел од спомениците на истакнати „Бугари“ од Скопје да се преселат во Бугарија.
„Покрај промената на содржината на учебниците, дознаваме дека тие ќе тргнат голем дел од спомениците. Добро би било во Бугарија да ги прибереме тие што се однесуваат на бугарски политички и културни дејци и да ги поставиме каде што треба“, изјави тој за бугарската информативна агенција „Фокус“.
Според Димитров, најавата од македонскиот премиер Зоран Заев дека од учебниците ќе се тргнат изразите од типот „бугарски фашистички окупатор“ не е доволна, бидејќи „тие треба да бидат променети од корен“. Тој ги повика двете влади да поработат на транспортните врски меѓу двете земји преку изградба на автопат од Радомир до Куманово, кој би се приклучил на тој до Скопје, а да помислат и за железничко поврзување, иако линијата, смета тој, бара многу пари и би била нерентабилна.
„За да биде рентабилна една железничка линија во нашиот свет треба по неа дневно да поминува товар од 5.000 тони, а јас не гледам Бугарија и Македонија какви 5.000 тони товар можат да разменуваат секојдневно“, објаснува тој.





