Бугарскиот историчар, по средбата на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега, Алексис Ципрас во Давос, на која е договорено да биде преименуван меѓународниот аеродром во Скопје, изјави дека и тој е заслужен некој булевар, автопат или аеродром во Македонија да го носи неговото име.
Аеродромот сега се вика „Александар Велики“, а автопатот кон него во иднина ќе го носи името „Пријателство“ во знак на добра волја да се реши побрзо спорот за името на Република Македонија.
„Зоран Заев тоа го прави, за да им се допадне на Грците и грчката влада да се согласи со едно од имињата предложени од Метју Нимиц, кои го содржат името Македонија со придавка – северна, јужна, лева, десна, горна, Вардарска и т.н. “ изјавил Димитров за агенцијата „Фокус“ пренесува „Днес.бг“.
„При овој бран од преименување, македонската влада треба да мисли не само за Грција, туку и на нас. Ако сака да им се допадне на Бугарите и на Бугарија со цел побрзо формирање на Комисијата која ќе ги изработи новите учебници и новите концепти за историјата на Македонија, редно би било да крстат булевар, автопат или аеродром со името на Божидар Димитров, кој направи доста, со книги, статии и филмови, за разоткривање на македонските лаги“ вели историчарот.





