Најмалку 65 танкери со руска нафта се блокирани поради новите американски санкции, објави Ројтерс.
Пет танкери се закотвени во близина на кинеските пристаништа, седум во близина на Сингапур, а останатите се во близина на брегот на Русија во Балтичкото Море и на Далечниот Исток, објави агенцијата, цитирајќи податоци од системот за следење на бродови.
Според Ројтерс, 25 од блокираните танкери претходно ги посетиле пристаништата во Иран и регионот на Суецкиот канал.
Новите американски санкции погодија околу 10 отсто од светската флота на нафтени танкери, изјавија аналитичарите за агенцијата.
Претходно, поради новите ограничувања, Кина одби да прифати три руски танкери, објави Блумберг.
Анонимен индиски функционер изјави за агенцијата дека Индија, исто така, нема да дозволи бродовите да растовараат руска нафта, доколку тие бидат изнајмени по воведувањето на американските санкции.
На 10 јануари американското Министерство за финансии воведе максимални санкции против најголемите руски нафтени компании „Гаспромњефт“ и „Сургутнефтегаз“.
Ограничувањата опфаќаат и десетици компании за нафтени услуги, осигурителни компании и 183 танкери од таканаречената „флота во сенка“.






