Паневропска унија, најстаро движење за обединета Европа уште од 1923 година, ја смета за неприфатлива блокадата на евроинтеграцискиот процес за Македонија.
„ПЕУ секогаш се залагала за интеграција на Македонија и за отстранување на блокадата. Секако, и нашите македонски пријатели треба да вложат напори, но сигурно е дека таквата блокада начелно е неприфатлива од аспект на ПЕУ“, изјави претседателот на ПЕУ Хрватска, Мислав Јежиќ, на меѓународната конференција „За Европа: комуницирање на европските интеграции меѓу членките на ЕУ и земјите на проширувањето“ во Подгорица.
„Очекуваме од ЕУ да помогне во решавањето на тие проблеми, но не така да наметнува, туку така да договара со граѓаните и со земјите од ова подрачје. Сакаме да градиме иднина втемелена на мир, во која ќе бидеме свесни за заедничките културни вредности“, додаде тој.





