Пишува: Свето Тоевски
„Оние што ја негираат македонската национална индивидуалност сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и оти е само продукт на некаква политичка комбинаторика. Македонци, бидете на штрек пред таквите ‘правни’ диверзии, од каде и да идат! За нас, повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува најголемо приближување до идеалната татковина, со се што е на него создадено како говорен и пишуван текст. Поправо, јазикот е единствената наша целосна татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината.“ – има порачано великанот на македонскиот јазик и на македонскиот национален идентитет Блаже Конески во еден свој текст од јуни 1986 година.
Денес, кога се одбележува 103-тата година од неговото раѓање, потребно е при нашите чествувања на овој голем Македонец да си поставиме и како поединци и како народ македонски самите на себе прашање и од поинаков агол на размислување: дали и колку ги браниме неговото дело и завештание – македонскиот јазик, дали и колку го браниме своето колективно македонско „јас“, за кое тој се бореше толку многу со своето поетско перо и со науката? Зашто, оваа социолингвистичка реалност во Македонија, инсталирана во 2018 година со потпишувањето на „Преспанскиот договор“ со Грција и на „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, е настојување целосно да се поништат делото и јазичната оставнина на великанот од Небрегово, неговото животно и научно завештание кон сегашните и идните поколенија на македонскиот народ.
Конески беше еден од основачите на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет на УКИМ во 1945 година. По негово инстирање на Конески таа катедра набргу по своето основање започна со активностите и за широко меѓународно афирмирање и изучување на македонскиот јазик. Конески во тие историски мигови има нагласено: „…од 1950 година … решивме да стапиме во контакт со светот, мислам на славистиката. Меѓу првите беше Реџиналд Де Бреј, тогаш професор од Лондон… тој го вклучи македонскиот јазик во својот учебник за словенските јазици, кој што стана стандарден за англоамериканските универзитети. … Хораст Лант, професор на Харвардскиот универзитет … собираше материјал за својата Граматика на македонскиот литературен јазик. Наскоро таа излезе.“
Но, „добрососедските договори“ со Грција и Бугарија настојуваат да ја елиминираат меѓународната признатост и афирмираност на македонскиот јазик. Во нормалниот свет секој јазик се именува онака како што се нарекува и народот, кој го говори односниот јазик: Французите го именуваат својот јазик како француски, Германците како германски, Англичаните како англиски јазик… Но, со „Преспанскиот договор“ трилјадилетната идентификациска одредница „македонски“ им е одземена на Mакедонците и им е „подарена“ на Грците.
Неспорно е дека меѓународната афирмираност на македонскиот јазик останува се уште широко признат неспорен факт, но таа позиција изгледа постапно започнува да еродира под влијание на споменатите „добрососедски договори“. Политичка Европа, Европската Унија, „мижат“ пред науката. Оваа ЕУ сега речиси не прикрива дека стои на страната на ставовите на Бугарија против македонската етничка и јазична засебност и против автентичната македонска историја.
„Бидете на штрек, Македонци!“
„Бидете на штрек, Македонци!“ – повика академик Конески седум години пред својата смрт, предупредувајќи дека многумина сѐ уште посакуваат македонскиот народ да биде само објект, а не и историски субјект, оти се засилува спроведувањето на проектот за уништување на македонскиот јазик, на македонскиот национален идентитет и македонската држава. Во оваа смисла, во еден свој текст од јуни 1986 година Kонески пишува: „Оние што ја негираат македонската национална индивидуалност сакаат да создадат впечаток дека македонскиот литературен јазик нема свои историски корени и оти е само продукт на некаква политичка комбинаторика. Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите ‘правни’ диверзии, од каде и да идат! За нас, повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со се` што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина. Се‘ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината.“
Четири години подоцна, значи три години пред смртта во 1993 година, Kонески повторно ќе ја истакне важноста на македонскиот јазик за македонскиот народ, каде и да живее. Во разговорот со Радмила Трифуновска, воден во април 1990 година, на прашањето за нападите на македонскиот јазик од Атина преку брошурата на А.Е. Папагеоргиу со наслов „Таканареченото македонско прашање“, Конески нагласува дека главниот удар е ударот врз јазикот.
„Тоа не е прв напад врз нашиот јазик со цел меѓу неупатените во светот да се рашири заблудата дека е измислен прекуноќ, како да не се работи за процес со длабоки корени во минатото и за една долга јазикотворечка традиција.“ – има кажано тогаш Конески. Но тие корени во минатото на македонскиот јазик се стремат да му ги сосечат и „Преспанскиот договор“ и „Договорот за добрососедство“ со Бугарија. „Преспанскиот договор“ се обидува на македонскиот народ да му ги одземе културно – историското наследство и исконското постоење на македонскиот јазик, спротивно на ставот на Конески за „длабоките корени во минатото“ и за „долгата јазикотворечка традиција“.
„Генерацијата на сонцељубивите“ против „северната“ социолингвистичка реалност
Означувајќи го Конески како „национален мислител од највисок формат, кој твори и се бори за Македонија како клучен стратег на нејзината автономна суштина“, Гане Тодоровски го наредува Конески „во поворката на сонцељубивите Македонци, веднаш покрај Миладиновци, Прличев, Мисирков, Рацин“ и ги цитира неговите зборови од статијата „Една ситуација и едно лично становиште“, кои ѝ ги диктирал на академик Зузана Тополињска кратко време пред својата смрт: „Ние, мојата генерација, тргнавме во животот посветени на македонската идejа, готови да й служиме како на нешто свето и светло, загрижени за судбината на својот народ.“
Овој народ македонски му останува многу должен на својот национален мислител, но аргументирано може да се каже и на својот преродбеник Конески: не само декларативно да го чествува, туку да започне и конкретно да се бори против обидите да се уништи неговото дело и завештание – да се чува јазикот македонски, да се чува својата „единствена идеална татковина“. Крајно време е од пазувите на овој народ со древни традиции, кои сакаат да му ги приграбат „добрите соседи“, час поскоро да се извишат и други „сонцељубиви Македонци“, коишто ќе ја испратат „северната социолингвистичка реалност“ на ѓубриштето на историјата.
(Оваа колумна е приспособен текст од научниот труд – реферат на нејзиниот автор, претставен на VI научна конференција на Институтот за македонски јазик, одржана на 18.октомври 2021 година во Крани)





