„…Онаа историја, којашто вие, Бугарите, ја фалсификувате, ние не ја признаваме, бидејќи целта е … бугарска хегемонија на Балканот. … Јас не сум Бугарин, јас сум Македонец, македонски Славјанин! Како таков се залагам за Македонија, како слaвjaнска земја, да имa сопствено уредување и своја управа. Ако сте вие убедени дека … во Македонија живеат Бугари, дека во Сер, Драма и Кавала се Бугари … нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат. Зошто кревате врева? Значи несигурни сте, значи има нешто, коешто ве тревожи, некои области завладеани од вас, коишто ако се подложат на референдум ќе ви се измолкнат од рацете.” – ова е дел од бележитиот говор на Димитар Благоев со прекар „Дедото“, Македонец и политичар во Бугарија, кој го одржал во срцето на бугарската држава, во нејзиното Народно собрание на 16 декември 1917 година.
Од овој извод од стенографските белешки, водени за време на собраниската расправа во Народното собрание на Бугарија во таа година, може да се види дека за време на Првата светска војна не само што светот беше запознат со основниот стремеж на македонскиот народ, туку и во бугарскиот Парламент отворено Македонците по род бараат Македонија да се оформи како држава.
Благоев починал на 7 мај 1924 година. Денешното навршување на 100-годишнината од смртта на овој истакнат деец за македонската национална кауза и признавањето на засебниот македонски национален идентитет среде Бугарија, како значаен датум во поновата македонска национална историја, е можност за навраќање кон неговата личност и дело. „3а нас, Македонците, е важно тоа што тој бил мошне ревносен околу запазувањето на македонската национална и етничка посебност и што бил жесток поборник против бугарската асимилаторска политика.“ – напишано е на фејсбук-профилот на интернет-страницата „Македонија: вистинска бескрајна приказна“ (Macedonia: a True Endless Story …)
Весникот „Македонска нација“ има напишано: Димитар Благоев е роден на 14 јуни 1856 година во сиромашно македонско семејство во костурското село Загоричани, Егејскиот дел на Македонија. Тој бил револуционер, учител, писател и публицист, но и основоположник и предводник на социјалдемократското и комунистичкото движење во Бугарија (1891–1923). Како Македонец пројавува револуционерна активност во Mакедонското ослободително Движење.
Во 1878 година Димитар Благоев го продолжува своето образование во руската империја. Во 1855 година, поради илегални активности, руската полиција го апси Благоев и подоцна го депортира во Бугарија. По враќањето во Бугарија, Димитар Благоев се населил во Софија и почнал да ги шири социјалистичките идеи. Исто така, бил активист на Македонско-одринскиот комитет во Пловдив, а од 1897 година и негов претседател. Во 1898 година Гоце Делчев направил обид да го убеди Благоев да застане на чело на Врховниот Македонски комитет, но Благоев го одбил предлогот. На шестиот македонски конгрес на македонските друштва, кој се одржал во Софија во мај 1899 година, Благоев предложил формирање на Балкански соединети држави, но тој бил отфрлен.
Во 1917 година како шеф на Социјалдемократската Парламентарна група во бугарскиот парламент сите бугарски војни што се воделе во Македонија ги оквалификува како завојувачки и како Македонец бара Македонија да се оформи во самостојна балканска држава. Неговата писмена револуционерна активност е објавена во 20 томови. При печатењето на неговите целокупни дела во 1962 година, издавачите од Софија, од стенографските белешки ги исфрлиле деловите од говорите на Благоев за неговото македонско потекло и за идентитетот на Македонците.
Умира на 7 мај 1924 година во Софија. На последниот пат кон вечниот дом последна почест му оддаваат повеќе од 30 илјади луѓе. После 1992 година Благоев е прогласен како соработник на руските служби, македонист и сепаратист, но и покрај сево ова неговото име го носат еден град, две села и четири училишта. Неговото име е овековечено во името на градот Благоевград, преименуван од дотогашниот град Горна Џумаја во 1950 година.





