Бишевац: Перфиден обид Сребреница да се злоупотреби за политички поени и да се ризикува македонскиот соживот

Поранешниот новинар а сега лидер на Бошњачката Народна партија Сафет Бишевац одговара на наодите кои доаѓаат од луѓе блиски на СДСМ и ДУИ кои пред изборите се обидуваат да направат меѓуетнички и меѓуверски тензии во Македонија злоупотребувајќи трагедијата од пред 29 години.



Целата реакција на Бишевац објавена на неговиот Фејсбук профил:

Човечки е да се простува, но никогаш не смее да се заборави и да се премолчуваат жртвите од Сребреница.

Во овој одговор до мегафоните на СДСМ и ДУИ, однапред се извинувам што морам да ја споменам една од најголемите балкански трагедии која сега се користи за да се добијат евтини политички поени а притоа се ризикува меѓуетничката толеранција и соживот во Македонија.

Никој не е толку слеп, како оној што не сака да види. Вака најточно и најкратко може да се објасни обидот на политички партии и поединци да ги злоупотребат злосторствата во Сребреница од јули 1995 година во својата кампања пред изборите на 24 април и 8 Мај.

Емоциите кои често се користат како средство во дискредитација можат да бидат опасно оружје, особено кога целта е создавање на омраза – кон поединец или група, институции или особено друг народ.

Омразата не е умен одговор на какви било изјави и оценки, дури и кога тие изјави и оценки можат да се оквалификуваат како говор на омраза или негирање на одговорноста за починетите злосторства. Многу поумно е таа битка да се води со презентирање на аргументите кои вон секаква сомнеж ќе потврдат дека тие се извршени, до степен на ГЕНОЦИД.
Или, преку претставка или тужба пред надлежните правосудни институции против поединец или група, без оглед на никаквата доверба на граѓаните во нив.

Сепак, тие одбраа да ги прозиваат ВМРО – ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицковски и претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска Давкова.
Се работи за невешт, перфиден обид, пред се кај бошњаците но и другите народи со претежно исламска религија, да се стават под сомнеж ставовите на државата Република Македонија, партијата ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски и Сиљановска Давкова за најголемото злосторство во Европа во 20-тиот век.
А вистината, која само делумно ја прикажуваат, за да ги прикријат вистинските цели е следна :
Република Македонија во 2010 со усвојување на ДЕКЛАРАЦИЈА во Собранието, ја поддржа Резолуцијата на ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ со која зллосторството во Сребреница се квалификува како ГЕНОЦИД.
Тоа што не го кажуваат е дека ВМРО ДПМНЕ тогаш е владеачка партија а Трајко Вељановски, член на оваа партија е прв човек на Собранието.
Христијан Мицкоски како актуелен лидер на партијата , НИКОГАШ И НИКАДЕ не ја довел во прашање исправноста или подршката на неговата партија кон оваа Декларација на Собранието. Само неупатени или злонамерни луѓе можат да го доведуваат во прашање ставот на професорката Гордана Сиљановска, меѓународно познат и потврден експерт за уставни системи и борец за човекови права.

Не разбирам како вториот наводен ,,аргумент” дека позициите на Македонија за Сребреница се усогласени со стратешките партнери и демократскиот свет САД, ЕУ, В. Британија, Франција, Германија ги исклучува ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски и Сиљановска од тие позиции.
Нивната цел е очигледна, со помош на манипулации и лажни вести и тези да се обидат да влијаат врз Бошњаците на претстојните претседателски и парламентарни избори да останат со владеачката коалиција на ДУИ И СДСМ.
Иако директно не се нагласува, повиците за реакција се упатени и до Бошњачката народна партија , како единствена бошњачка партија во коалицијата ,,Твоја Македонија,, предводена од ВМРО ДПМНЕ. Да нема дилема , за нашата партија , во Сребреница во јули 1995 е извршен геноцид.
Со повикувачите се согласувам единствено во ставот дека тоа злосторство е дело на поединци а никако дело на цел еден народ, како што многумина сакаат да го претстават или искористат за национални политички цели.
Зачудува фактот што лидерите на политички партии на Бошњаците во Македонија и некои кои се сметаат за истакнати правници, молчат на пример за фактот дека во владеачката коалиција во БиХ е партијата на Милорад Додик, најгласниот негатор на геноцидот во Сребреница..Или дека во коалицијата на српскиот претседател Вучиќ секогаш без исклучок, има бошњачки партии од Санџак.. Или на тоа што лидерот на една бошњачка партија го прогласи лидерот на ДУИ , Ахмети за свој и за лидер на Бошњаците во Македонија.
Знам зошто, но исто така знам и дека тоа не е добар пат. Владеачката коалиција СДСМ-ДУИ во изминатите речиси 7 години ја претвори државата во земја со која владее мафијашки организирана структура, корумпирана во епски размери, во која е доуништено правосудството , здравството и уште поопасно, руинирано е и образованието. Тоа што е политички легитимно, не значи и дека е исправно и знам дека нема да помине кај граѓаните, без оглед на националните , верските или какви било други разлики. Вистинското прашање сега е дали Бошњаците се задоволни со политичката екипа која ја водеше државата во изминатите 7 години?
Одговорот е веќе познат и тие што сега се обидуваат да манипулираат со една од најтажните балкански историски случки, ќе го почувствуваат многу брзо, прво на 24 април а потоа и на 8 мај.