Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на социјалните мрежи се пофали дека стапката на инфлација е ставена под контрола, ама заборави да каже дека таа во пракса и натаму на големо им ги јаде парите на граѓаните, зашто скапотијата како да е ставена на брза лента. Еве што пиша предизборно, вицепремиерот на својот официјален профил на Фејсбук.
- „Според последните податоци на Државниот Завод за Статистика (ДЗС) за растот на трошоците за живот, измерена е инфлација од 4,0% за месец март 2024 година, со што се потврдуваат конзистентните политики во насока на нормализирање на состојбата после воведените замрзнати цени и маржи за основните прехранбени артикли кои важеа заклучно со февруари 2024.Ова е доказ дека во државава во најголема мера оперираат етички одговорни компании, како во производството така и во трговијата, кои и покрај можноста за енормно покачување на цените, сепак продолжија да работат со конкурентни цени, што на крај резултира со раст на инфлацијата во март 2024 од само еден процентен поен споредено со претходниот месец кога беше измерена инфлација од 3,0%,“ пишува Битиќи.

Битиќи додаде дека ист е трендот и за перидот јануари-март 2024 што според него е уште еден доказ за успешноста на владините мерки.
- „Земајќи го периодот јануари-март 2024 споредено со јануари-март 2023 година, инфлацијата изнесува 3,4%, што е малку пониско ниво од иницијално проектираната инфлација за 2024, која според последните Владини проекции треба да изнесува 3,6%. Ова е само уште еден во низата докази дека оваа Влада континуирано ги следи економските случувања во државата, и дека спроведува соодветни политики со кои се подобрува стандардот на граѓаните, затоа што растот на пензиите и просечната плата од почетокот на годината до сега е далеку повисок отколку растот на трошоците за живот,“ порачува Битиќи.
Инфлацијата забавува, но и понатаму е висока во споредба со историскиот просек, велат од Народна банка.

Економистот Бранимир Јовановиќ по кој знае кој пат предупреди дека ако инфлацијата расте, тоа ќе биде погубно најпрво за граѓаните, потоа за малите бизниси, и на крај за цела држава, немоќна да се справи со ситуацијата. Тоа, според економистите, се должи на слабото работење на државата, и немањето конкретна стратегија која ќе помогне да се излезе од тоа.
- Инфлацијата во Македонија е вон контрола, па така ова не треба никого да чуди, затоа што Владата не прави ништо за да ја заузда. Голема илузија е дека инфлацијата ќе се намали сама од себе. Тоа нема да се случи од две причини. Првата е што цените на меѓународните пазари продолжуваат да растат, особено на гасот и струјата. Втората е што домашните фирми ја користат ситуацијата и ги креваат цените и кога нема потреба, само за да си ги зголемат профитите, вели економистот Бранимир Јовановиќ.
Дека скапотијата повеќе го топи семејниот буџет уште еднас потврди и државната статистика.





