„После 34 години независност се уште сме заробени во минатото, плукајќи по иднината. Мртвата историја има повеќе вредност од живите луѓе! Од иднината лесно можеме да се откажеме, ама никако од минатото! Тезата дека ‘треба да ја вратиме државата’ е фашизоидна. Слоганот ‘Македонија повторно твоја’ е страшна порака, која предизвикува крвави конфликти. Со речникот ‘Само еден победник?! ќе им се даде гориво на федералистите!“ – наведува универзитетскиот професор д-р Мерсел Билали во својата скандалозна колумна со наслов „ Држава со посебни потреби!“, која ја објави информативниот портал „Либертас“. Во своето противмакедонско писание овој колумнист дрско го обвинува ВМРО ДПМНЕ за фашизам и „примитивен национализам“, кој „води кон крвав конфликт и федерализација на Македонија“, па дури и до „уривање на нејзините темели како држава“! Билали ги напаѓа со вџашувачки тон ВМРО ДПМНЕ и Македонците, поради тоа што „не се откажуваат од својата национална историја, а плукаат по европската иднина“! Користејќи токму тој примитивни националистички навреди не само кон ВМРО ДПМНЕ и неговото раководство, туку и кон сите членови, симпатизери и гласачи на оваа македонска партија, Билали ги повикува „Американците и европејците сериозно да подразмислат за уште покатран црни листи во Балканот и за оние, кои сеат етничка дискриминација, омраза и конфликтност како можна закана за дестабилизација на државата и регионот“!
Во својата колумна, покрај другото, Мерсел Билаи пишува: „Тезата дека ‘треба да ја вратиме државата’ е фашизоидна. Слоганот ‘Македонија повторно твоја’ е страшна порака, која во соодветна форма била користена во црното минато, оставајќи пустош за стотина милиони луѓе! Модерната држава припаѓа секому, а нација-држава одамна се смета како екстремна доктрина. Кога вака би постапиле други држави, секој ден ќе имавме крвави конфликти во 60 отсто од државите во светот.
Самиот поим „кираџија во својата куќа“ е конфликтен: штом се спомнува „своја куќа“, по автоматизам другите се прогласуваат како туѓинци, на кои ништо не им следува во таа куќа! Такво сеење омраза произлегува од лажното убедување изродено од сосема случајни партиски комбинаторики при составувањето влада, дека поради тоа државата е „грабната“ од претставници на еден друг етникум!
После 34 години независност се уште сме заробени во минатото, плукајќи по иднината. Мртвата историја има повеќе вредност од живите луѓе! Никому во целиот свет не му успеелo да се врати да живее во минатото! Ние од иднината лесно можеме да се откажеме, ама никако од минатото! Како е можно и после толку години плурализам, претенденти за врвот на власта да не научиле нормално да ги привлечат луѓето со конкретни понуди, наместо да создадат атмосфера на меѓуетничка конфликтност, доведувајќи ги во прашање мирот и напредокот внатре и во целиот регион!
Само еден победник?!
Мислевме дека ваков подбуцнувачки речник е надминат, но не било така. Тоа е наша тажна судбина, особено кога тоа се практикува од политичари, што доаѓаат од академска фела. Ќе имало само еден победник и тој самиот ќе одлучел кого ќе зема. Па со тоа само што ќе им се даде гориво на федералистите!
Играње на национална карта полно со етничка омраза воопшто не е паметна работа како некаква „понуда“ за граѓаните. Тоа според сите демократски принципи тотално ги делигитимира добиените гласови, оти тие не се заслужени гласови добиени за развојни цели, туку се гласови од тешка манипулација со етничките чувства на луѓето. Тоа се гласови добиени со колективна измама. А како поинаку кога велите дека сте против Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Францускиот предлог. А за што сте забога?!
Сигурен сум дека воопшто нема да изгледаме баш ГОРДИ! Со таков умствен склоп повеќе од сигурно е дека влегуваме во тешка политичка криза со тешки последици со вакви лажни и примитивни „патртиотизми“. Кога би дејствувале и други држави според ваква логика, секој ден во светот би имале светски војни. Да го решававме проблемот со Грците во 1994 година, сега ќе бевме далеку пред Бугарија, дури со зачленувањето во ЕУ во 2004 година, ние ќе им ставевме вето ним.
Омразата уништува сè освен себе?! Секој со грам мозок сериозно би се запрашал: како е можно со толкава леснотија овдешните луѓе да станат плен на омразата?! Наместо кампањата да биде насочена кон решавање на постојните важни и егзистенцијални потреби на граѓаните, креаторите и реализаторите на кампањата ја пренасочуваат кон етнички чувства со крајна чувствителност. Се праќа порака дека државата треба да се врати во ерата на еднонационална доминација, со што сериозно ги поткопуваат нејзините темели.
Американците и европејците сериозно треба да подразмислат за уште покатран црни листи во Балканот, вклучително и за оние, кои сеат етничка дискриминација, омраза и конфликтност како можна закана за дестабилизација на државата и регионот.





