Беќаровски: Се обидуваат да примат болничар кој е помошник лимар, е до таму е стигната работата

Докторот Нико Беќаровски во интервју за Солуција.мк вели дека кога би била проблем само Токсикологија, тогаш би имале и добар здравствен систем. Во секој сектор секаде се случуваат слични работи, а тука само претече лончето, што би се рекло народски.



Беќаровски вели дека не се почитуваат и најмалите мерила за квалитет , и основните функции за пружање на здравствена заштита на пациентите се доведени во прашање.

-Со други зборови, во моментов Токсиколошката лабораторија, што е единствена во државата работи „на диво“, односно без валидација на резултати.

Тој рече и дека „неминовен факт е дека проблемите настанаа од назначувањето на економската директорка, која за целиот период не успеа со ниту еден член на Стручниот колегиум да оствари каква било комуникација. Секој со секого може да има непрофесионални односи, иако тоа на работа не би смеело да е случај, но кога имате некој кој со никого не може да комуницира, прво треба самиот тој да се погледне во огледало“.

Тој истакна и дека проблемот  во македонското здравство е политизацијата.

„Политизација. Тоа не е од вчера или завчера. Тоа особено е изразено од 2006 наваму, иако да признаеме и претходно имаше такви ситуации. Јас сум вработен во 1990 и верувајте дека тоа беше последен регуларен конкурс, без никакви притисоци. 34 години сите конкурси се полу-наместени или наместени. За жал. Начинот на избор е партизиран и политизиран. Не зборувам само за лекарите, иако тоа е можеби најклучно, но вие џабе ќе имате квалитетни доктори, ако сестрите не се, џабе ќе имате квалитетни и доктори и сестри, ако имате болничари со тотално несоодветно образование. Сега се обидуваат кај нас да примат болничар кој е помошник лимар. Па, замислете си каква услуга ќе дава тој. Е до таму е стигната работата. Веќе основни квалификации не се почитуваат“, рече тој.

-Во нашата професија не се дозволени импровизации. Работите со живи луѓе, пациенти, тие луѓе бараат помош и вие мора да им ја дадете брзо, стручно и максимално професионално. Порано медицинските сестри доаѓаа со сериозна пракса, веќе подготвени и од првиот ден можеа да се вклучат во здравствениот систем. Сега се отворија илјадници школи, само во Скопје има седум-осум, доаѓаат со максимален успех на хартија, просек од 5.00, а не знаат ништо, посочува Беќаровски во интервјуто

Прочитајте го целото интервју на : https://solucija.mk/%d0%b3%d1%80%d0%b0%d1%93%d0%b0%d0%bd%d1%81%d0%ba%d0%b0-%d1%81%d0%b8%d0%bb%d0%b0/%d0%bd%d0%b8%d0%ba%d0%be-%d0%b1%d0%b5%d1%9c%d0%b0%d1%80%d0%be%d0%b2%d1%81%d0%ba%d0%b8-%d0%b4%d0%be%d0%ba%d1%82%d0%be%d1%80%d1%81%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d0%ba%d0%be%d0%bd%d0%ba%d1%83%d1%80%d1%81%d0%b8/?fbclid=IwZXh0bgNhZW0CMTAAAR0cKEZL4ira50WcEZwU-FRXSxEu2UvTEFDTZXY41ryliDemME69xaUv6BA_aem_ZmFrZWR1bW15MTZieXRlcw