Студентите во Белград синоќа ја прекинаа двонеделната блокада на две згради на Радио-телевизија Србија (РТС), откако парламентарната комисија за култура и информации донесе одлука за распишување нов конкурс за членови на советот на Регулаторната агенција за електронски медиуми (РЕМ).
Блокадата започна на 14 април со барања за непристрасно известување од јавниот сервис за студентското движење, социјалната и политичката криза во земјата и за избор на нови членови на одборот на државното регулаторно тело во околности кога повеќето печатени медиуми и телевизии со национален дострел се под влијание или контрола на владата.
Студентското движење произлезе од бран антивладини протести предизвикани од смртта на 16 лица при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.
Тие бараат кривична и политичка одговорност од властите за оваа трагедија и бараат борба против корупцијата, слободно и уредно општество и независно работење на институциите.
Од 22 ноември минатата година, студентите, со поддршка на голем дел од академската заедница и мноштво општествени групи, блокираат повеќе од 60 факултети на сите четири државни универзитети, а владата ги нарекува нивните протести „шарена револуција“.
За 1-ви мај во Белград е најавен голем заеднички протест на студентите и синдикатите, по повод Меѓународниот ден на трудот.





