Од 1 април во Белгија стапуваат на сила нови прописи со кои се забранува изложување на тутунски производи во сите трговски објекти во земјата.
Поточно, од утре продавниците ќе мора да ги кријат кутиите со цигари, а не да ги изложуваат во излог или на видно мсто.
Овие регулативи ги засегаат сите тутунски производи вклучително и електронски цигари, како и филтри и хартија за виткање тутун.
На трговците кои ги продаваат овие производи како што се продавници за тутун и цигари, супермаркети, бензински пумпи и слично, им се закануваат тешки казни доколку не ја почитуваат забраната.
Тие предвидуваат затвор од еден месец до една година и парична казна од 2.000 до 800.000 евра.
Мерката е дел од борбата против пушењето што сојузната влада ја води веќе неколку години.
На пример, акцизите за цигарите беа зголемени на 1 јануари 2024 година, со што пакувањата беа поскапени за 2 евра.
Од 31 декември лани пушењето е забрането и на повеќе јавни места како забавни паркови, зоолошки градини, спортски терени и слично, како и на помалку од 10 метри од сите влезови и излези на болници, училишта и градинки.
Од 1 април, во големите продавници со површина од повеќе од 400 кв. повеќе нема да се дозволува продажба на тутунски производи.






