Грција мора да избегне создавање на клима на претеран оптимизам дека Скопје радикално ќе ги промени своите позиции по прашањето за името, сугерира уреднички коментар во највлијателниот грчки весник Катимерини кој деновиве објави анализа за состојбите во Македонија.
Катимерини пишува дека во врска со името Заев планира да користи „транспарентност, учество на опозицијата и дури тогаш да финализира некое решение со помош на референдум“.
Овие пораки во Грција треба да бидат сфатени прецизно од дипломатските кругови и од целото политичко раководство смета весникот од каде се сугерира да се избегне клима на претеран оптимизам дека Скопје радикално ќе ја промени својата позиција.
„Спротивно на Груевски, Заев и неговата влада можат да имаат волја да прифатат некој взаемен компромис но тие нема да одат долку далеку во предизвикување на општеството со преголемо попуштање во позициите за вакво сензитивно прашање, кое што може да донесе голема политичка штета. Тоа после се, е повеќе од очигледно во изјавите на владата во Скопје“, пишува Катимерини.
Изборните резултати покажуваат дека работите во Македонија се менуваат значително и дека е веројатно наскоро Заев да ги открие картите во врска со Грција затоа што се работи за приоритет поврзан со членството во НАТО кое што е главна цел за владата, се вели во анализата според која грчката влада чека финиш на изборниот процес со цел продолжување на разговорите за името со лидер кој има целосен легитимитет.
Изјавите на Заев против градење на споменици, именување автопати и аеродроми, сали и стадиони според историски личности во Атина се доживуваат како позитивни но сепак грчката дипломатија знае дека Заев не може да оди предалеку и затоа од политиката се бара да не се надева на лесно решение на спорот за името и затворање на долгогодишниот спор.





