Украина, на пролет, ќе се соочи со потенцијално катастрофален недостиг на муниција и противвоздушна одбрана што може ефективно да го промени текот на војната и да му даде значителна предност на рускиот претседател Владимир Путин, стои во последната проценка на САД.
Зборувајќи под услов да останат анонимни, двајца американски функционери за ABC news го посочија „крајот на март“ како особено клучен момент за судбината на украинските војници доколку Конгресот не усвои нов предлог-закон за помош.
„Пресвртот започнува сега и прогресивно ќе се влошува низ пролетта и летото. Значи, овој временски период во кој влегуваме е критичен временски период“, рече висок претставник на американската одбрана.
Некогаш постојаниот проток на пари и оружје од САД (вкупно околу 44 милијарди долари) во голема мера пресуши.
Пакетот за помош од 60 милијарди долари што го побара претседателот Џо Бајден и го усвои Сенатот е во неизвесност во Претставничкиот дом поради некои републиканци лојални на Доналд Трамп, пренмесува ABC News.
„Го предупредивме Конгресот дека ако не дејствуваат, Украина ќе претрпи загуби на бојното поле и еве го. Тоа се случи викендов“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби.
„Украина нема да може да ги заштити сите локации во иднина“, изјави висок претставник на одбраната.
„И ако Русија ја преземе контролата над небото, тоа целосно ќе ја промени природата на војната“, додаде тој.
САД проценуваат дека Русија потрошила до 211 милијарди долари за воени операции во војната и изгубила 10 милијарди долари од продажбата на оружје.
Тие, исто така, проценуваат дека околу 315.000 руски борци биле убиени или ранети.
Посебна проценка на Одбранбената разузнавачка агенција од 8 декември, дадена до Конгресот и опишана од лице запознаено со наодите, заклучи дека Русија изгубила околу 2.200 тенкови од 3.500 што ги имала пред почетокот на војната.
Меѓународниот институт за стратешки студии соопшти дека не гледа знаци дека Русија попушта под тежината на таквите тешки загуби на бојното поле.
„Русија ќе може да го одржи нападот врз Украина уште 2-3 години, а можеби и подолго“, пишува институтот.






