Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека убиството на лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, Исмаил Ханије, не помага за прекин на огнот во израелската војна во Газа.
Иранските власти и Хамас соопштија дека Израел е одговорен за атентатот, како и неколку американски официјални лица, кои побараа анонимност.
Атентатот може да предизвика нов бран на насилство на Блискиот Исток и да ги промени преговорите за ставање крај на војната во Газа, во која Ханија беше еден од клучните учесници.
Бомбата што го уби Ханије била поставена пред околу два месеци во куќата во која тој престојувал, изјавиле за Њујорк Тајмс претставници од Блискиот Исток.
Куќата е заштитена од Корпусот на Исламската револуционерна гарда и е дел од голем комплекс во луксузен кварт во северен Техеран.
Ханије беше во главниот град на Иран на претседателската инаугурација, а тој беше убиен од бомба што беше активирана од далечина, според официјални лица.
Убиен е и неговиот телохранител. Експлозијата ја потресе зградата, скрши некои прозорци и предизвика делумно уривање на надворешниот ѕид.
Израел јавно не ја презеде одговорноста за убиството, но израелските разузнавачи ги информираа САД и другите западни влади за деталите набргу по операцијата, според пет претставници на Блискиот Исток.
Но, американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека САД немаат сознанија за заговорот за атентат.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, издаде наредба Иран да удри директно врз Израел, како одмазда за убиството на Ханије.






