Американскиот претседател Џо Бајден сериозно ги прифаќа повиците за повлекување како демократски претседателски кандидат a неколку демократски функционери веруваат дека е само прашање на време кога ќе се повлече, објави Reuters.
„Вистински си ја преиспитува совеста, тоа сигурно го знам. Тој размислува за тоа многу сериозно“, рекол еден од изворите, кој сакал да остане анонимен.
„Њујорк тајмс“ повикувајќи се на повеќе неименувани извори блиски до Бајден, наведува дека американскиот претседател почнал да ја прифаќа идејата дека можеби нема да може да освои уште еден мандат на изборите на 5 ноември и може да се пензионира, но кампањата на Бајден категорично негираше, пренесува Ројтерс.
„Извештајот на Њујорк Тајмс е апсолутно погрешен“, изјави копретседателот на кампањата на Бајден, Седрик Ричмонд за MSNBC, истакнувајќи дека „претседателот рече дека ќе се кандидира и тоа е крајот на приказната“.
„Вашингтон пост“ објави дека поранешната претседателка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси е убедена дека Бајден наскоро би можел да биде убеден да се повлече од изборната трка.
Според Ројтерс, Пелоси им рекла на демократските конгресмени дека Бајден е блиску до откажување.
Бајден (81) се соочува со зголемен притисок во неговата Демократска партија да го препушти своето место на листата потенцијални партиски претседателски кандидати, особно откако катастрофалниот настап во телевизиската дебата против поранешниот претседател Доналд Трамп.
Неговиот настап предизвика загриженост за неговата ментална состојби и возраста, како и неговите шанси да победи на изборите во ноември.
Претседателот пркосно се спротивстави на тие повици, тврдејќи дека освоил милиони гласови на партиските прелиминарни избори изминатите неколку месеци и дека тој е изборот на демократските гласачи.
Во средата, тој рече дека „дава сѐ од себе“ за изборите во ноември.
Друг соговорник на агенцијата, функционер на Демократската партија во Конгресот, рекол дека претседателот најверојатно ќе се повлече од функцијата откако пратениците, вклучително и лидерот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, наводно, го повикале да се откаже од трката.
„Се чини дека е прашање… кога, а не ако“, рекол функционерот.
Паралелно со ова, донатори на демократската кампања рекоа дека може да ги замрзнат своите придонеси доколку партиските лидери не дејствуваат за да го охрабрат претседателот Џо Бајден да се откаже од реизборната трка, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на свои извори.
„Тие сметаат дека ако Џо продолжи, (демократите) ќе загубат и (Претставничкиот) Дом и Сенатот. Тие не сакаат да ги фрлаат своите пари во ветер“, додаде изворот.






