Бугарската фудбалска легенда Красимир Балаков е во комбинација за нов тренер на македонскиот прволигаш Гостивар, откако Муарем Муарем пред шест дена даде оставка, објави специјализираниот портал на турски јазик „Балкан футболу“.
Илустрирајќи ја својата кратка објава со фотографија на која жонглира со топка една од ѕвездите на репрезентацијата на Бугарија што заврши четврта на Светското првенство 1994 во САД, облечен во панталони и маичка со куси ракави, порталот тврди дека бившиот бугарски селектор е во преговори со гостиварчани.
Клубот со турски спонзори, и покрај тоа што моментно е трет во Првата македонска фудбалска лига и е непоразен по девет одиграни кола, во кои има 4 победи и 5 нерешени, се раздели со тренерот Муарем.
Красимир Балаков последен пат беше на чело на Локомотив (Софија) на крајот од минатата сезона, кога тимот беше во опасност од испаѓање. Предводен од поранешната „десетка“ на националниот тим на источниот сосед, сепак, не само што се спаси, туку и избегна дополнителни разигрувања со екипи од Втората лига.
Балаков би бил втор Бугарин во Стручниот штаб на Гостивар по Златко Јанков, уште еден член на славната бугарска генерација од 1990-тите, кој беше помошник-тренер кога гостиварчани изборија промоција во ПМФЛ.






