Базичната инфлациска стапка укажува дека работата била излезена од контрола – анализа на екс вицегувернерка на НРБМ

Во текст за Бизнис и економија, поранешната вицегувернерка на Народната Банка на Македонија Маја Кадиевска Војновиќ ги анализира факторите кои доведуваат до поскапениот живот за граѓаните.



,,Годишната стапка на инфлација во август 2024 година се спушти на 2,2 %, што е на историскиот просек од околу 2 %. Оваа стабилизација е добредојдена и e посакувана. Но, сите се прашуваме дали факторите што ја вивнаа инфлацијата во претходниот период се сѐ уште присутни и што треба носителите на политиките да направат за да немаме повторно поскапување на животот. Дали е време пазарот сам да ја направи стабилизацијата или повторно ни треба државен интервенционизам кој се покажа како неуспешен во минатото”, пишува Кадиевска Војновиќ која анализира што се случувало од почетокот на овој тренд и колку реално поскапe животот досега?

,,Севкупното ниво на трошоците на живот во август 2024 година е повисоко за 39,5 % од просечното ниво во 2017 година. Храната е поскапа за 51,6 % од просекот во 2017 година, а домувањето за 33,6 %. Имајќи предвид дека населението троши најголем дел од својот доход на овие две ставки, тогаш поскапениот живот уште повеќе се чувствува. Во последниве седум и пол години, висок раст имаа и трошоците на услугите во ресторани и во хотели, на алкохолни пијалаци и тутун, на мебел, на покуќнина и одржување на покуќнина, на транспортот, на рекреација и култура и за здравје. Во целиот период, малку се поскапени услугите и производите во комуникациите, образованието и облеката и обувките. Континуираниот и висок раст на цените започна од март 2021 година. Ако го земеме како база овој месец, тогаш трошоците за живот од март 2021 година до август 2024 година се зголемени за 33,2 %.

Дека нешто излезе од контрола покажува базичната стапка на инфлaција што го мери основниот или долгорочниот тренд на инфлацијата. Базичната инфлација се добива кога ќе се исклучат варијабилните цени на храната и на енергијата од индексот на трошоците на живот.

Во тој случај, трошоците на живот во август 2024 година се повисоки за 30,7 % во однос на просекот од 2017 година. За споредба, во периодот од 2005 година до 2017 година, растот на трошоците за живот без варијабилните цени бил само 17 %. Високата базична стапка на инфлација што ги вивна трошоците на живот без цените на храната и на енергијата покажува дека инфлацијата беше широкораспространета во економијата, односно дека останатите фактори (надвор од флуктуациите на варијабилните цени) ја предизвикаа инфлацијата.

Кои се тие фактори и дали нивното влијание е исцрпено, анализира Кадиевска Војновиќ во текстот кој може да го прочитате во Бизнис и економија на овој ЛИНК.