„Тие мора да знаат дека оваа држава може да преживее само во хармонија меѓу Албанците и Македонците заедно и со другите!“ – со оваа нова закана вечерва повторно се огласи лидерот на ДУИ Али Ахмети преку својот фејсбук-профил, упатувајќи сега и јавен повик за „приклучување кон народното движење за легитимитет и достоинство“! Претходно во текот на денот при нивното одбележување на 23-тата годишнина од Охридскиот договор Ахмети веќе им се закани јавно на Македонците: „Македонците како народ можат да напредуваат, само ако бидат во добра комуникација и хармонија со Албанците, инаку ќе бидат проголтани од Србите, Бугарите и Грците. Македонците можат да ги зачуваат својата историја и својот национален идентитет, само преку соработка и соживот со Албанците. Во спротивно тие се предодредени да не постојат воопшто!“
Во својата најнова објава на фејсбук Ахмети напиша: Денеска во Скопје ја одбележавме 23-годишнината од Охридскиот договор, со кој заврши војната на Националната ослободителна војска – УЧК и го отвори патот за мир и еднаквост. Патот не беше лесен, но чекор по чекор, ние, кои бевме исклучени и дискриминирани, стасавме до првиот Албански премиер и до тоа да бидеме господари во нашата куќа. Подемот на Албанците во однос на постигнувањето рамноправност и докажувањето на административните капацитети и капацитетите за раководење со државата, ги заслепи злонамерниците и оние, што не сакаат еднаквост, ниту сакаат рамноправна држава, и кои не сметаат нас, Албанците, како граѓани од втор ред.
Нашата заедничка работа донесе еднаквост и американско-европско пријателство, ги донесе и НАТО и отворањето преговори за членство во ЕУ, илјадници работни места, изградба на аорти со Албанија и Косово, универзитети, училишта, градинки, болници, правична и соодветна застапеност и многу, многу реализирани проекти, како и отворени врати за Албанците и за сите други. Ним им пречеа учените и работливи Албанци и си најдоа Албанци, кои прифаќаат да бидат измеќари , подготвени да ги затвораат очите кон растурањето на секое национално достигнување.
Тие мора да знаат дека оваа држава може да преживее само во хармонија меѓу Албанците и Македонците заедно и со другите, а не со промовирање на етничката надмоќ и на непочитувањето на легитимитетот. Овој предизвик бара максимална посветеност од секој од нас, во секоја населба, во секое семејство, ве повикувам да се приклучите на националното движење за легитимитет и достоинство.





