Ахмети со закани: Без Албанци нема Македонија! – Македонците нека не ги гибаат знамето и знамето, оти ќе се кренат и хероите од гробовите!

„Оваа држава Македонија може да се гради само со соживот и координација меѓу двата етникума, Албанците и Македонците, инаку, кажувам отворено, без Албанци нема ниту Македонија! Нека разберат нашите македонски сограѓани: нека не ни ги гибаат јазикот и знамето, зашто за знамето и јазикот и хероите ќе се кренат од гробовите!“ – со овие отворени закани се огласи синоќа лидерот на ДУИ Али Ахмети од партискиот собир на ДУИ, одржан во Тетово. Само пред три дена Ахмети и другите челници на ДУИ на средба во Приштина со трите главни албански тамошни опозициски партии, но не и со Албин Курти, како што беше соопштено, „разговарале за меѓусебната координација на активностите во врска со случувањата во регионот и за евроатлантските процеси, кои се важни за безбедноста и стабилноста на регионот“. Ахмети ја има не само поддршката на албанската опозиција во Косово, туку и на премиерот на Албанија Еди Рама и на претседателката на албанскиот парламент Елиса Спиропали, кои денеска ќе бидат главните политички личности на заедничката средба на парламентите на Косово и Албанија, што ќе се одржи денес во Приштина со почеток во 11 часот. На таа седница ќе се разговара за „албанската национална агенда за остварување на стратегиските цели“ како и за „заштита и унапредување на правата на Албанците“, што имплицира „расправа и за позицијата и правата на Албанците во Македонија.



Имајќи ја во заднината ваквата регионална поддршка на албанскиот политички чинител од Балканот, до степен на мешање во внатрешните работи на Република Македонија, лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа во Тетово кажа: „ВМРО ДПМНЕ објавија своја програма против ДУИ, но нивната програма е во суштина противалбанска. Тоа е опасно, тоа е најголемото зло. Јас им кажав во лице: не отворајте ги старите гробови и рани, зашто никаде нема да не однесе враќањето во минатото. Тие не треба да го заборават минатото, зашто оние, кои го забораваат минатото, немаат иднина, немаат што да бараат во иднината! Цела кампања се водеше ‘Македонија е повторно наша!’ ‘ Ни отиде Македонија!’, ‘Ни ја зедоа Албанците!’, ‘Коридорот 8 е Велика Албанија!’, ‘Коридорот 8 е криминал!’. Но, велам дека * Македонија нема да оди никаде и Албанците нема да ја однесат на некое друго место, бидејќи тие се државотворци во оваа земја, со свој албански јазик и со свое албанско национално знаме. Почитувањето на нашите национални права и меѓуетничката еднаквост се вредности, столбови на стабилноста и иднината на оваа држава.“

Лидерот на ДУИ се огласи со тврдење и дека, наводно, „се води оркестрирана кампања против ДУИ“. „Оркестрирана кампања се води не од сега дека божем најголемото зло на оваа земја е ДУИ и затоа таа треба да се погребе, а Али Ахмети политички да се убие. Велат и дека ќе подготват закон за јазици и ќе го пратат во Венецијанската комисија. Но таа комисија е само консултативен орган, а законот за јазикот произлезе од Охридскиот договор, кој е меѓународен договор и кој го создаде УЧК! Нека разберат нашите македонски сограѓани: нека не ни ги гибаат јазикот и знамето, зашто за знамето и јазикот и хероите ќе се кренат од гробовите! Историјата не треба да ни се повторува, ние не сакаме земјата да се врати во минатото пред 23 години, ние сакаме и добрососедство со сите држави.“