„Промената на уставот е повеќе од потребна, затоа што од тоа имаат корист сите граѓани, затоа што сите ние имаме корист од забрзувањето на патот кон членството во Европската Унија. Секое доцнење во оваа насока може да има високи трошоци: како што ја плативме цената со грчката страна, така може да се платат високи трошоци и со бугарската страна. Но, овде цената може да биде уште повисока отколку во случајот со Грците. Луѓето имаат секојдневни потреби. Бројката со бугарски државјанства се зголемува од ден на ден. Пакетот за членство во ЕУ може и да се промени, ако не ги преземеме вистинските чекори. Албанија ќе ги отвори преговорите за членство, а ние ќе останеме зад неа. Албанија може да се зачлени во ЕУ, а ние да станеме држава со два народа со државјанство: едниот дел од заедницата со бугарско државјанство, а другиот дел од заедницата со државјанство на Албанија. Затоа, за овие сметки треба добро да се размисли пред да се зборува и да се дејствува.“ – изјави лидерот на ДУИ и на „Европскиот фронт“ Али Ахмети на вчерашната седница на Генералниот совет на неговата партија, отворајќи дилема: дали тој се заканува дека Република Македонија може да доживее судбина да биде трансформирана како „држава со два дела, бугарски и албански“, како и „со два народа, едниот со бугарско државјанство, а другиот народ со државјанство на Албанија“, ако не се промени уставот, со цел да се вметнат Бугарите во него?! И покрај тоа што веќе избраната Влада на Република Македонија има легитимни претставници од сите етнички заедници, па и од албанскиот етникум, за што свое потврдно мислење искажа и амбасадорката на САД Ангела Агелер, која дополнително нагласи дека „не постои законска обврска ДУИ да стане член на новата извршна власт, а мандатарот самиот одлучува кого ќе го покани во Владата“, сепак, лидерот на оваа веќе опозициска партија Али Ахмети упатува дополнителни закани, порачувајќи дека, наводно, „нелегитимната влада со еднонационален легитимитет ги загрозува етничката стабилност, мирот, безбедноста и иднината на земјата“! Дали Ахмети повикува на промена, или можеби и на уривање на оваа Влада на Република Македонија, за да се изберела некоја нова, со “целосен етнички легитимитет“, во која задолжително ќе морало да влезе и ДУИ?!
Натаму, во својата реч на седницата на нивниот Генерален совет, која интегрално ја пренесе информативниот портал на албански јазик „Тетова сот“, покрај другото, Али Ахмети истакна: „За нас е важна промената на уставот. Ние сме заинтересирани за реални процеси, што кои ја движат државата напред, кои создаваат политичка и етничка стабилност, бидејќи оваа земја има иднина, ако бидат во хармонија двете најголеми заедници: македонската и албанската. и албанскиот. Сигурно, помошен дел се и малите заедници како Турците, Бошњаците, Ромите, Власите и Србите, но одговорноста паѓа врз плеќите на овие две заедници.“
„Решението, кое го одбра Христијан Мицкоски, не е фер и добро, тоа не создава етничка стабилност и стабилност во државата, бидејќи ние не сме во удобна позиција да правиме дневни политики. Сè уште немаме стабилни политики со нашите соседи, како со Грците, така и со Бугарите. Ситуацијата во Западниот Балкан е многу чувствителна и потребно е решение. Руското влијание во регионот на Западен Балкан е активно во значителна мера. Русија не е заинтересирана за стабилен Балкан, целосно интегриран во НАТО и во Европската Унија. Затоа во нашата земја мора да се земат предвид сите овие околности и да не се зголемуваат тешкотиите и незадоволството во заедницата.“
„Ние ја оспоруваме нивната неправедна одлука, со која не се почитува легитимитетот, што го добија Демократската унија за интеграција и Европскиот Фронт, кои победија на изборите. Ги искажуваме нашето незадоволство и револт. Оваа Влада нема етнички легитимитет. Оваа држава има иднина и перспектива, почитувајќи го слободниот глас, почитувајќи го легитимитетот што потекнува од суверенот. Ние докажавме дека не сме поврзани со функции и канцеларии. Непочитувањето на волјата на мнозинството граѓани од втората по големина заедница по автоматизам не помага за мирот, стабилноста и безбедноста, како и за евроатлантските процеси.“





