Ахмети призна дека Македонија не е албанска територија

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера свесно или несвесно призна дека Македонија не е албанска територија.



Иако голем број националистички албански функционери, медиуми и поединци ја ставаат Македонија во ,,албанските простори” лидерот на ДУИ вчера јасно кажа дека Македонија не е дел од албанските територии.

Ахмети деновиве за косовските медиуми зборуваше за поранешниот прв вицепремиер Артан Груби по кого веќе е распишана потерница, а изречена е и мерка притвор, пренесоа повеќе медиуми.

Ахмети рече дека Груби не избегал и дека тој самиот немал контакт со него, но тврди дека има информации дека поранешниот прв вицепремиер е добро и дека се наоѓа на албанска територија.

Лидерот на ДУИ вети дека Груби ќе се врати и дека ќе се појави пред органите на правдата, но не и, како што рече, пред „одмазничката правда“.

Ахмети уште еднаш го повтори својот став дека во Македонија треба да се изврши ветинг за да се истражи политичката активност и богатството на секој носител на високи државни функции.

– Ние сме против селективна правда и употреба на навреди и клевети за дневно-политички цели и подготвени сме да одговориме во секој момент. Груби не избега, ќе одговара пред органите на правдата, но во договор правдата да не се злоупотребува за политички цели – изјави првиот човек на ДУИ, пренесуваат дел од медиумите во земјава на албански јазик.

Ахмети беше во посета на Косово каде присуствувал на прием за ветераните на ОВК, организиран од лидерот на косовската опозиција, Рамуш Харадинај.