Ахмети пред швајцарската амбасадорка Улман: Нема да ја дестабилизираме државата, но ќе дејствуваме во одбрана на националното достоинство?!

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска во партиското седиште во Тетово се сретна со швајцарската амбасадорка во Република Македонија Вероник Улман. „Ахмети и Улман разговараа за политичката ситуација во земјата и регионот, евроинтеграциите и уставните измени, неселективното владеење на правото, духот на Охридскиот договор и прашањето на легитимитетот. Претседателот Ахмети ја увери амбасадорката Улман за посветеноста на ДУИ кон евроинтеграциите како прв и непоколеблив приоритет на партијата и затоа се ангажираме за уставните измени, за да се опфати и бугарската заедница во Уставот, како и за почитување на Преспанскиот договор со Грција.“ – се изнесува по соопштение од одржаната средба, кое го пренесе информативниот портал „Тетова сот“. Инаку, паѓа во очи дека во ова соопштение нема ниту збор што кажала швајцарската амбасадорка Вероник Улман, само се изнесуваат ставовите на Ахмети и неговата партија.

Натаму, во ова соопштение на ДУИ се наведува: „Во однос на духот на Охридскиот договор, Ахмети нагласи дека Швајцарија е многу добар пример за општествена кохезија и рамноправен соживот и затоа е потребен ангажман за уште поголемо промовирање на духот на рамноправноста и толеранцијата во земјата. Европската Унија и Соединетите Американски Држави го гарантираат Охридскиот договор . Но, владата со еднонационален легитимитет го крши тешко овој договор.“

„Изборниот легитимитет и етничката волја мора да бидат заштитени од сите, бидејќи тоа е извор на стабилност. Во однос на владеењето на правото ДУИ се залага за неселективна правда надвор од канџите на партиите, кои ја презедоа улогата на истражител, обвинител и судија. Затоа е потребен меѓународно следен ветинг, за да се запрат политичката пропаганда и ловот на вештерки.“

„За дестабилизирачките сценарија на Владата Али Ахмети повторно подвлече дека ДУИ не е дел од вакви сценарија и оти станува збор за голема владина измама, за да се дефокусира јавноста од безбројните неуспеси и скандали. ДУИ од септември ќе ги посетува граѓаните во секое место на живеење и заедно со нив ќе дејствува во одбрана на погазеното национално достоинство, прегазено од измеќарите во служба на ВМРО ДПМНЕ.“