„Сериозно се влошува политичката и институционалната состојба во * Македонија. Запоставен е нејзиниот европски пат. За прв пат опасните идеи, што го доведуваат во прашање мултиетничкиот и унитарниот карактер на државата, наоѓаат место во јавниот политички говор.“ – објави лидерот на ДУИ Али Ахмети по денешната средба со Вјоса Османи, претседателката на Косово. За оваа средба и објавата на Ахмети извести ТВ 21. Засега нема поподробна информација како дошло до оваа средба во Приштина и кој бил конкетниот повод да се случи таа.
ТВ 21 истакнува: Претседателот на ДУИ Али Ахмети зборуваше по средбата со претседателката на Косово Вјоса Османи, што се одржа во канцелариите на косовското претседателство во Приштина. Меѓу другото, Ахмети објави дека на оваа средба изразил загриженост, за она што го нарекува „сериозно влошување на политичката ситуација во Македонија“.
„Во овој контекст, ја истакнав мојата длабока загриженост, поради сериозното влошување на политичката и институционалната состојба во Северна Македонија, каде што Албанците се цел на хибридна политичко-олигархистичка оска со етничка супремацистичка основа и со етничко претставување, врз кое се врши политички инженеринг. Албанците денес се соочуваат со опасна офанзива, насочена кон уривање на столбовите на Охридскиот мировен договор,“ – пишува Ахмети,
Тој зборуваше и за европскиот пат на Северна Македонија и оцени дека тој е „запоставен“. „Исто така, нагласив дека европското досие е запоставено, отстапувајќи од патот на интеграција и заеднички вредности. За прв пат опасните идеи, што го доведуваат во прашање мултиетничкиот и унитарниот карактер на државата, како што е предвидено во Охридскиот договор, наоѓаат место во јавниот политички говор.“ – изнесе Али Ахмети.
„Овие случувања бараат будност, единство и координирана акција, за да ги заштитиме нашите историски достигнувања и да ја гарантираме европската иднина на нашите граѓани.“ – додаде Ахмети во својата објава.






