Ахмети: Ние сме земја без име

„Ние сме земја без трајно име и сега се обидуваме да добиеме нормално име“.



Говорејќи за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели дека македонската Влада е реформска и верува дека „во рамките на овие реформи конечно ќе се реши 25-годишниот проблем меѓу Скопје и Атина“.

„Ние сме земја без име. Имаме едно привремено име, ПЈРМ. Во пракса, се обидуваме конечно да добиеме нормално име со преговорите што се водат“, рекол Ахмети, како што објави ТВ Скај.

Во однос на тоа дали ДУИ ќе поддржи, доколку се потребни, и уставни промени, тој вели дека тие се подготвени да го поддржат процесот до конечно решение.

„Секако, ние го поддржуваме напредокот. Ќе биде големо постигнување доколку успешно се заврши ова поглавје. Ќе нè растовари многу од нешто што со години ни тежи. Ние сме подготвени. И во минатото сме биле подготвени за да го поддржиме процесот до конечно решение, бидејќи нè интересира многу интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ“, рекол Ахмети за грчката телевизија.