„Ги повикувам Приштина и Тирана да го кренат гласот во врска со загрозувањето на албанскиот јазик во * Македонија! Очекуваме на заедничката средба на Владата на Косово со Владата на * Македонија, закажана за в понеделник, 18 ноември 2024 година, Владата на Косово да го постави прашањето за албанскиот јазик. Очекуваме реакција од сите партии во Косово. Сиот албански народ ќе го одбрани својот јазик, бидејќи е освоен со крв и жртви. Апсолутно неприфатливи се укинувањето на етничката припадност, неправедното отстранување на Албанците од институциите, уривањето на достигнувањата во сите области, селективната правда. Албанците нема да го толерираат ова! Тие ќе ги блокираат патиштата на Македонија!“ – со овие повици до Албанија и Косово „да го кренат гласот“ и закани се огласи лидерот на ДУИ Али Ахмети синоќа, на 15 ноември 2024 година, на средбата што ја одржа ДУИ во селото Неготино, во селската општина Врапчиште, во гостиварскиот регион. Ова го објавија ТВ 21 и локалниот портал на албански јазик „Тетова сот“
Дополнително, на својот фејсбук-профил, покрај другото, Али Ахмети уште истакна: „Народот е гневен и затоа ги повикувам Албанците да ги напуштат институциите, за да не остават траги на национален срам врз себе и врз своите семејства! Ги повикувам другите политички партии да не бидат дел на сценаријата, кои се лоши за земјата и за Албанците! Албанскиот јазик е на Албанците, а не на ДУИ и него ќе го одбрани сиот албански народ! Во Неготино се проговори отворено и гласно против понижувањето, омаловажувањето и обидите да се урне Охридскиот договор.“





