АХВ им изрече глоби во вкупна вредност од 82 илјади евра на големите синџир-маркети

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), неделава, на целата територија во државава, спроведоа 124 вонредни контроли кај големите синџир-супермаркети, дисконти и хипермаркети. Целта на контролите беше проверка дали операторите се регистрирани во АХВ за сите дејности и активности во секој од објектите, дали и колку се исполнети општите и посебните хигиенски услови за храна, со акцент на спроведување контроли во деликатес-одделите и месарниците, како и во месарниците што изработуваат свежи подготовки од месо.



Покрај ова, се контролира и исполнетоста на процедурите за чистење и дезинфекција на опремата, приборот за работа и спречување вкрстена контаминација, снабдувањето со безбедна вода, поседувањето санитарни книшки и сертификати за стручна подготовка на вработените лица кај операторите, чувањето и складирањето на храната, нејзиното потекло, следливоста (проверка на комерцијалните документи), како и почитувањето на температурниот режим за храната од нејзиниот прием до ладилникот. Контролирани беа и водењето записи за НАССР и добра производствена и добра хигиенска пракса, означувањето на храната, плановите за сопствено мострирање на операторите, спроведувањето на операциите за пакување/препакување, дезинфекција, контрола на штетници, а со вонредните контроли опфатени беа и магацините на операторите.

Донесени се 47 решенија за утврдени недоследности, изречени се 29 глоби во вкупна вредност од 82 илјади евра во денарска противвредност. Кај 15 оператори утврдени се незадоволителни хигиенски и технички услови во објектот, кај 12 најдена е храна со поминат рок на употреба, а кај 5 храна без следливост, со оштетена амбалажа, недекларирана и сл. Тројца од контролираните оператори не извршиле задолжителни здравствени прегледи за вработените, 10 не воделе записи за HACCP, добра хигиенска и добра производствена пракса. Кај 4 оператори најдени се несоодветно означени производи, а еден објект не бил регистриран.

Нештетно се уништени 22,3 тони небезбедна храна, од кои најголем дел месо.