Атмосферата на историската комисија со Бугарија била најдобра на заедничкиот ручек кога неформално се зборувало за гастрономија и за заеднички јадења кои ги делат Македонците, Бугарите и другите балкански народи.
Ова според бугарски извори е заклучокот на Ангел Димитров кој од бугарска страна е копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Република Македонија која завчера се сретна во бугарското министерство за надворешни работи.
За разлика од ручекот кога атмосферата била добра на официјалните разговори ситуацијата била благо кажано нелагодна поради огромните разлики меѓу македонските и бугарските членови.
Со Димитров се согласуваат и членови на македонската комисија.
„Денешната средба не се разликуваше од претходните. Атмосферата беше најдобра за време на ручекот. Но, не се согласуваме за суштинските прашања за кои треба да се дебатира. Не можам да кажам дека сме направиле нешто корисно“, изјавил професорот Ангел Димитров по средбата.
Од мај 2018 година, Димитров е копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Република Македонија.
Комисијата е формирана како резултат на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка потпишан на 1 август 2017 година и според бугарската страна е клучен дел од договорот.






