Томас крукс, атентаторот на Доналд Трамп дејствувал сам и употребил легално купена пушка за да го нападне поранешниот американски претседател, соопштија вчера претставници на ФБИ, додавајќи дека нема индиции дека осомничениот имал психички проблеми.



Претставници на ФБИ им рекоа на новинарите дека истрагата е во рана фаза и дека сè уште не идентификувале идеологија поврзана со осомничениот. Тие рекоа дека откривањето на мотивот за нападот им е еден од приоритетите.

Волстрит журнал вчера објави дека властите пронашле експлозивни направи во автомобилот што атентаторот го возел на релито.

Асошиетед прес и Си-Ен-Ен наведуваат дека во неговиот дом бил пронајден и експлозивен материјал. Инспекторите велат дека материјалите за правење бомби биле пронајдени и во автомобилот и во домот на Томас Крукс.

Томас Метју Крукс живеел во Бетел Парк, Пенсилванија, претежно бело, претежно богато предградие на Питсбург. Јавните податоци покажуваат дека тој живеел со своите родители. Во истите тие записи не се спомнуваат никакви кривични пријави, ниту пак финансиски проблеми како што е запленувањето.

Во 2022 година, тој дипломирал на средното училиште Бетел Парк, каде што бил меѓу групата студенти кои добиле награда од 500 долари за Национална иницијатива за математика и наука.

Поранешен соученик на Крукс рекол дека во средно училиште не покажувал некој посебен интерес за политика и дека со него најмногу разговарал за компјутери и игри.

„Тој беше супер паметен. Тоа е она што навистина ме погоди, тој беше навистина, навистина паметно дете, брилијантно“, изјави поранешен колега за Ројтерс. „Ништо лудо никогаш не се појави во разговор со него“, додаде тој.

Друг млад човек кој се опиша себеси како поранешен школски другар на Крукс,  рече дека Крукс „речиси секој ден бил малтретиран“ на училиште.

Тој изјави за NBC News и други медиуми дека наклонетоста на Крукс да носи „ловечка“ и „воена“ облека и фактот дека тој секогаш ручал сам, предизвикал потсмев кај неговите врсници, кои го сметале за „самотник“ и „отфрлен“.

„Сè на сè, беше многу тажно… Многу го малтретираа“, додаде тој.

ABC News објави дека двајца поранешни соученици на Крукс рекле дека тој бил исфрлен од стрелачки клуб бидејќи не бил вешт стрелец.

Училишните власти не ја потврдија информацијата. Џејмсон Мајерс, поранешен член на стрелачкиот клуб, изјави за Си-Би-Ес дека Крукс е „добро дете“ кое никогаш никого не упати лошо.

„Не можам да верувам дека е способен за вакво нешто, никогаш не би помислил“, рече тој.