Архиепископот Охридски и Македонски Михаил: Венчан сум за Македонија со крстот и заветен за одбрана на интересите нејзини и на МПЦ!

„Јас сум венчан за Македонија со крстот, не можам и не сакам!“ – им одговарал свештеникот Методи Гогов, идниот Архиепископ Охридски и Македонски Михаил, на оние, кои му нуделе се и сешто само да се откаже од своите идеи. Го тепале, го мачеле и го понижувале додека ја издржувал затворската казна во Идризово и во Отешево, на кои бил осуден во 1948 година. Таму, во името на Партијата, на свештеникот-затвореник катаден му велеле: ,,Остави ја мантијата, фрли го крстот, религијата е опиум, биди што сакаш! Министер, професор, амбасадор…!“ И кога е во затвор во Србија, во Сремска Митровица, но и во родната Македонија, во Идризово и на Отешево, кога го принудуваат на тешка физичка работа – копање ровови, кршење камења – со цел да се откаже од крстот и мантијата, неговата молба и одговор биле секогаш исти: „,Оставете ме, сакам да му служам на Бога, на народот! Сакам да читам и да преведувам книги…“. На 6 мај 1948 година за време на Информбирото ќе биде уапсен и осуден на затворска казна. По шест месеци строг затвор кон крајот на 1948 година пак е осуден на пет ипол години робија. Иако му била нудена амнестија, затворската казна во Идризово и Отешево ја издржал до последен ден. По тешката голгота, помината во пранги и карцел заедно со Методи Андонов Ченто, Методи Гогов ќе остане доследен на крстот и мантијата, на олтарот и молитвата, на црквата и Македонија. Не се откажал од своите идеи за остварување национална слобода на македонскиот народ и за неговото духовно, општествено и етничко обединување. Методи Гогов е световното име на Архиепископот Охридски и Македонски Михаил (1912, Штип – 1999, Скопје), еден од најзнаменитите македонски црковно-народни дејци, кој им го посветил сиот свој живот и духовна и физичка сила на својата Македонска православна црква, на православната религија, како и на духовното зајакнување, обединување и возвишување на својот македонски народ и својата татковина Македонија. Денешното навршување на 25-те години од неговата смрт – на 6 јули во 1999 година – е пригода за повторно навраќање на животот и делото на Архиепископот Охридски и Македонски Михаил (Методи Гогов) како важни патокази, во кои насоки треба да се реализираат и денес активностите за зачувување на автокефалноста, на опстојот и натамошниот развој на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, како и за зачувување на македонскиот народ и неговиот македонски идентитет.  



Судири на иницијаторот за возобновување на автокефалноста на МПЦ Гогов со режимот на кралска Србија и со бугарската власт во Македонија

Младиот Методи Гогов учи Богословија во Битола, која ја завршува со одличен успех. Во 1932 година се запишува на Богословскиот факултет во Белград, на кој во 1936 година дипломира како најдобар студент во генерацијата. По дипломирањето присилно е мобилизиран во српската војска, при што неколкупати е осудуван од Воениот суд. Пред војната доаѓа во Штип и кратко време предава веронаука во штипската гимназија, но со судска казна за дела против интересите на кралот и кралска Србија набргу е депортиран во Ужице, за да предава српска пропагандна веронаука. На прагот на Втората светска војна, но и за време на нејзиното траење Методи пак работи како свештеник во градската Соборна црква ,,Св. Никола“ во Штип. Тука тој ќе дојде во судир со бугарската власт, па ќе биде принуден да замине во одбрана на татковината. При крајот на војната е кооптиран во АСНОМ во Горно Врановци при Главниот Штаб. Во тоа време, при крајот на војната, Методи Гогов организира митинзи во Велес, Прилеп и Битола во својство на народен пратеник и претседател на Народниот фронт за Штипската област,како и во својство на претседател на Иницијативниот одбор за обновување на Охридската архиепископија и за организирање на Македонската православна црква.

Иако ќе биде негиран и ќе има отпори од просрпските елементи, заедно со протоереите Кирил Стојанов и Никола Апостолски на 3, 4 и 5 март 1945 година во Скопје го организираат Првиот црковно-народен собор. На тие светли датуми Методи Гогов ќе ја соопшти Одлуката за обновување на Охридската архиепископија олицетворена во нејзината законска наследничка Македонската православна црква, која е негирана и денес од сите страни. Но како да ги плаши неговиот дух, неговиот ум и знаење, па за да се ослободат од него во 1966 година го испраќаат да богослужи далеку од Македонија, во Австралија. Таму во Мелбурн Гогов е свештеник во првата македонска црква од Македонија ,,Св. Великомаченик Ѓорѓи Чудотворец“. Тамошните медиуми ќе го наречат „Поп што лета“, бидејќи работи и патува неуморно: ги создава првите црковни општини во Австралија. Ја формира Американско-Канадската и Австралиска епархија како архиерејски заменик. Таму на големи христијански собири Методи Гогов ќе говори на македонски јазик. На повеќе универзитети ќе држи предавања за македонското црковно и историско минато.

Завет на четвртиот поглавар на МПЦ Архиепископот Охридски и Македонски Михаил (Методи Гогов): Нема да се согласиме со никаква измена, што би била спротивна на интересите на Македонија и на МПЦ!

 Некаде во 1970 год. како протоереј-ставрофор Методи Гогов се враќа дома и ќе биде назначен како ректор на македонската православна Богословија. Во оваа институција тој ќе предава англиски, еден од шесте јазици, кои ги владеел до совршенство: француски, руски, италијански, германски и други. Ќе предава пастирско богословие, вовед во теологија, патрологија, аскетика и неговата љубов омелитика (црковно говорништво). Во 1988 год. е хиротонисан кога е и митрополит во Повардарската епархија. Следствено, по Доситеј, Ангелариј и Гаврил, на 21 декември 1993 година на Црковно- народен собoр во Охрид е избран како четврти по ред поглавар на МПЦ. На тој чин Михаил ќе се завети: ,,… како избран и востоличен Архиепископ Охридски и Македонски се заколнувам во семоќниот Бог дека ќе им бидеме верни и предани на МПЦ и својата татковина Република Македонија… посебно ќе ја почитуваме Македонската православна црква во сѐ, па и во своите дела и постапки ќе се раководиме исклучиво од доброто и интересите на нашата Света Црква и татковина и дека нема да се согласиме со никаква измена, што би била спротивна на нивните интереси. Нека ни помогне сезнајниот Бог, Пресветата мајка Богородица, светите црковни рамноапостоли Кирил и Методиј,Св. Климент и Св. Наум Охридски и сите македонски светии“.

 Михаил остана верен и доследен на својот завет и заклетва. Достојно и служеше на својата црква, на својот народ. Не случајно беше предложен како прв претседател на независна и самостојна Република Македонија. Овој бележит македонски архиепископ и во поодминати години и со кревко здравје ќе продолжи да лета од село до село, од град во град во Македонија, низ Европа и Америка, Канада и Австралија. На 10 мај 1994 година . летачкиот македонски духовник е во Торонто и таму на аеродромот во шпалир ќе го пречекаат илјадници Македонци од Бафало, Хамилтон, Мисисага, Рочестер, Детроит и од сите страни на Северна Америка. Во новата Соборна црква ,,Св. Климент Охридски“  Михаил ќе рече: ,,Чедата на Македонија секогаш се заедно каде и да се! Земјата наша Македонија ни ја разделиле, ја искасапиле и ставиле граници меѓу Македонците, но овде нема граници и сите Македонци се заедно и едно“. Таа црква Михаил ќе ја прогласи како Катедрална црква на Македонија во Северна Америка.

 Архиепископот Михаил остави за навек трајни и неизбришливи траги во црковното, духовното и колективното национално паметење на македонскиот народ. Со неговото поставување како поглавар започна масовно враќање на македонските верници во црковните храмови. Тој несебично се залагаше за признавање на МПЦ, го обнови монаштвото, кое со децении не беше присутно кај нас. Михаил ќе го воведе македонскиот јазик како службен јазик во црковните општини во иселеништвото: во Австралија, Америка, Канада, ќе се бори за единство на Светиот синод, како и за обновување на дијалогот со великодостојниците на православните сестрински цркви српската, бугарската и грчката.

Преземено од статијата со наслов „Mетоди Гогов од летечки поп до архиепископ“ на авторот проф. д-р Блаже Китанов, Универзитет ,,Гоце Делчев“, Штип, 2014 година