Артим Шаќири негира дека Западна Македонија ја нарекол Источна Албанија

Легендата на македонскиот фудбал Артим Шаќири вели дека Експрес.мк погрешно ја протолкувал неговата изјава за албанските медиуми во која дел од Македонија се нарекува Источна Албанија.



Според него “Источниот дел од Албанија” во негивата изјава значело “источно од Албанија”.

Целата реакција на Артим Шаќири:

“Жално е што и на верски празник кога треба да сме најдоблесни, некои “новинари” сакаат да сеат омраза преку бомбастични наслови. Експрес.мк се дрзна на Божиќ да објави наслов “Шок за Божиќ: За Артим Шаќири Западна Македонија е Источна Албанија” и да толкува по свое видување моја изјава за албанска телевизија. Она што најмалку можеше да го направи Експрес.мк е да побараше мој коментар на изјавата пред да се обиде да “ја шокира” јавноста. Очигледно е дека мојата изјава се однесува на таленти вон Албанија, односно на нејзиниот исток. “Источниот дел од Албанија” во мојата изјава значеше “источно од Албанија”, а не како што сакаа да толкуваат од Експрес.мк.
Целата моја кариера ја поминав обидувајќи се во највисок степен да се изолирам од било какви политички и меѓуетнички моменти. Нема да дозволам ни сега некој да ме плетка во такви игри. Мој терен е сеуште стадионот, а не политиката! Посакувам спортските медиуми да се занимаваат повеќе со спорт, а помалку со политика!Ви посакувам среќен Божиќ!

Реакцијата на Шаќири дојде по пренесената информација од албанските медиуми во која тој ја дал спорната изјава која што збуни голем дел од јавноста.