Од петок трговците од малопродажба ќе треба јавно да ги објават цените на производите. Сите поголеми маркети, аптеки, салони за бела техника, за мебел, објекти за продажба на градежни материјали ќе мора јавно да ги објават цените на своите производи. Ако се направи ненамерна грешка во тој случај ќе имаат можност 24 часа да ја корегираат.
Доколку маркетите не се подготвени од петок редовно да ги објавуваат цените на производите на своите веб-страници, Државниот пазарен инспекторат соодветно ќе постапува врз основа на надлежностите што ги има според Законот за потрошувачите, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
- „Досега кај нас не е стигната информација дека некој од трговците има проблем да го имплементира овој правилник, но доколку имаат тешкотии да го спроведат, тука сме да седнеме да разговараме со нив“, рече Дурмиши.

Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките, трговецот треба да ја корегира грешката во рок од 24 часа. Од оваа обврска исклучени се само микро трговците, односно оние кои вработуваат до 10 лица.
- Да биде појасно, граѓаните ќе можат да одберат каде ќе ги трошат нивните пари, самите ќе можат да видат и да споредат во кој маркет има најниска цена. Нашите очекувања се дека со оваа мерка ќе има дополнително намалување на цените. Досега не е стигната ниту една реакција од тровците дека не се спремни за овој правилник, додаде Бесар Дурмиши.
Надлежните се надеваат дека сите трговци во малопродажбата се подготвени и во петок нема да имаат проблеми да го сдторат ова. За оние кои нема да го почитуваат, пропишани се глоби кои достигнуваат и до 10 илјади евра.

Ова не важи за сите микро трговци кои имаат до 10 вработени.
Цените ќе треба да бидат објавени на јасен и достапен начин, преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените. Објавените цени, како што рече Дурмиши, треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава.
Во објавените цени треба да е наведен називот на производ, продажната цена со ДДВ, единечна цена по килограм, литар, метар, да има негов опис, достапноста во продажен објект и редовната цена со ДДВ.
Инаку, на крајот од месецов истекува мерката ограничени маржи. Дали ќе има продолжување или не ќе зависи од бројките на инфлацијата за која од министерството за економија сметаат дека е стабилизирана.





