Аптеките бараат да не објавуваат цени на интернет

Аптеките да бидат ослободени од објавување цени на интернет, побараа од Здружението на приватни аптеки. Според нив, обврската е несоодветна затоа што не се обични трговци и ќе создаде дополнителен товар за фармацевтите. Барањата ги испратиле до Министерството за економија и кабинетот на премиерот, пренесува Сител ТВ.



„Приоритетната наша улога е давање на здравствена грижа кон пациентите. Со носењето на овој нов правилник едноставно се намалува можноста да ние како здравствени работници се фокусираме на нашата основна здравствена дејност. Сите ние се соочуваме со намален број на фармацевти. На некој начин, квалитетот на услуга ќе се намали токму поради тоа што ќе немаме доволно време за фармацевтите да одвојат за фармацевтската грижа и издавањето на лекови“ – Билјана Божиновска, Здружение на приватни аптеки

Од Владата потврдија дека барањето е пристигнато и ќе биде разгледано.

„Во однос на обврската која произлегува од Законот, како Влада можеме да кажеме дека истата очекуваме да биде почитувана од сите засегнати кои ги опфаќа законот“.

Стопанската комора на трговци на големо и мало, пак, побара дополнителен рок за изработка на веб-страници.

Дурмиши вчера го образложи правилникот. Почнувајќи од утре, сите поголеми маркети, аптеки, бутици, продавници за бела техника, играчки, железари на веб страница мора да ги истакнат сите производи што ги нудат сосе нивните цени. Ќе треба да ги ажурираат секој работен ден до 10 наутро, а во случај на попуст, мора да биде означена и редовната цена, процентот на намалување, како и времетраењето на акцијата. Објавите на социјалните мрежи нема да се важат. Ослободени се само трговците кои имаат до 10 вработени. 

Извор :https://sitel.com.mk/aptekite-baraat-osloboduvanje-od-obvrskata-za-objavuvanje-ceni-na-internet