На владината страница на Обединетото Кралство, во делот за безбедност и сигурност при патување, на 5 февруари годинава е додаден дел што се однесува на Македонија, односно ажурирани се информациите за ризиците од тероризам во земјава.
- Не се исклучуваат терористички напади во Северна Македонија. Нападите може да бидат неселективни, вклучително и на места што ги посетуваат странски државјани. Бидете свесни за вашето окружување и бидете во тек со извештаите на локалните медиуми и следете ги советите на локалните власти. Властите во Северна Македонија извршија рации против осомничени терористи. Постои ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија во Северна Македонија, се наведува во известувањето.

Од Британската амбасада во Македонија пак појаснуваат дека станува збор за рутинска промена која се однесува и за земјите од регионот. Од таму велат дека целта на промената е британските граѓани да бидат во тек со какви потенцијални ризици можат да се соочат при нивното патување.
- Станува збор за користење на речиси идентичен јазик во истиот дел кој се однесува на Црна Гора и Србија. Промената, исто така, го поедностави и разјасни фактичкото упатување на неодамнешните активности на македонската влада за апсење на осомничени терористи, кои беа објавени во јавноста. Честопати правиме мали промени во советите за патување, во овој случај, новинарите го забележаа тоа стандардизирање на јазикот, иако станува збор за рутинска промена, велат од Британската амбасада во Македонија.
На 24 јануари 2025 година Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција заедно со Агенцијата за национална безбедност и одделите за сузбивање сериозен организиран криминал во МВР, спроведоа акција за сузбивање на заканите од тероризам. Акцијата почнала уште од декември минатата година, при што на 5 локации во Скопје и во Гостивар се претресени домови и други простории при што се одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефони, компјутерска опрема и други предмети што се дадени на форензичко вештачење а од слобода се лишени 4 лица. За нив се спроведува истрага за основано сомнение дека сториле кривично дело „терористичка организација“.





