Антикорупциската комисија почна постапка за новите членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители кои истовремено се и членови на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, потврдија од Комисијата за Плусинфо. Постапката ја отвориле по сопствена иницијатива.
- „Државната комисија за спречување на корупцијата, по сопствена иницијатива, оформи предмет во врска со информациите за номинирање на членови на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. По утврдување на фактичката состојба во конкретниот случај, ДКСК ќе донесе одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на веб-страницата на ДКСК“, се вели во одговорот од Антикорупциската комисија до Плусинфо.

Од ВМРО-ДПМНЕ со денови реагираат на номинацијата на членови на судскиот и обвинтелскиот совет во УО на Академијата за судии и обвинители. Отааму објаснуваат дека според законот за спречување на корупцијата избран и именуван функционер не може да биде член на управувачки орган во јавна установа.
Денеска реагираше пратеникот Бране Петрушевски.
- Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството. Наместо да назначат судии и обвинители за членови на УО на Академијата, тие назначија свои членови. Двата совети го прекршија законот, а притоа назначија луѓе блиски до СДСМ. Како од стотици судии и обвинители Судскиот совет и Советот на јавни обвинители за членови на УО на Академијата избраа свои членови, кои патем се и сестра на пратеничка од СДСМ, мајка на советничка од СДСМ и братучетка на полициски началник од времето на СДСМ? – рече Петрушевски.
Ги повикуваме и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги преиспитаат своите одлуки, додаде тој.

- Во спротивно ќе бидат директно одговорни за нарушување на кредибилитетот на правосудните органи. Овие незаконски и партиски назначувања се доказ зошто се потребни реформи во правосудството – рече Петрушевски.
Од Судскиот совет се изјаснија дека постапиле законски кога номинирале свои членови во УО на Академијата. За Советот оправдувањето е во тоа што номинираните членови од Судскиот совет се од редот на судиите, па со тоа е исполнет условот Советот да номинира судии за член на УО на АСЈО. Оттаму прашаа ако се тие спорни како членови на УО на Академијата, тогаш како не се спорни и членовите од Врховниот суд, врховни судии, кои исто така се дел од УО на Академијата.
- „Судскиот совет на транспарентен и отчетен начин, на јавната седница одржана на 24.10.2024 година изврши номинација на членови на УО во Академијата за судии и јавни обвинители од редот на судиите кои се членови на Судскиот совет. На седницата беа истакнати аргументи и дадено образложение за законитоста и оправданоста на таквата одлука, односно номинација, а истото беше сторено пред присутната јавност на седницата. Во конкретниот случај, не може да се примени членот 44 став 4 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, бидејќи членовите на УО на Академијата за судии и јавни обвинители се од редот на судиите и јавните обвинители, кои по закон се веќе претходно избрани и именувани лица. Во поткрепа на законитоста на одлуката на Советот е и досегашната пракса“, соопшти Судскиот совет.
Повеќе може да се прочита на Плусинфо.мк.





