Анкетите на МКД.Мк не им се по ќеиф на СДСМ

Редакцијата на порталот МКД.Мк кој веќе седум години редовно објавува истражувања на јавносто мислење со агенцијата „Маркет вижн“ реагира на соопштение на СДСМ во кое има бројни обвинувања за вчерашната и денешната анкета



„Резултатите не им се по ќеиф, ама тоа не е прашање за нас или за агенцијата. Зошто се резултатите такви, треба сами да се запрашаат, а не да обвинуваат“ велат од МКД.МК.

„Речиси редовно на нашите анкети, оние на кои резултатите не им се допаѓаат реагираат – партии, кандидати, политичари, министри…

И секогаш, ама баш секогаш, кога некои избори ќе завршеа, кога некој ќе победеше или изгубеше, споредбата на резултатите од истражувањето со случувањата на теренот беа безмалку еднакви. Така беше и за претходните локални избори, и за претходните претседателски, за парламентарните избори… И редовно, барем во овие последни четири изборни циклуси, реагираше СДСМ, реагираа кандидатите за претседател на државата обвинувајќи за некакви манипулации и нарачани анкети. И редовно по завршувањето на изборите споредбено им ги објавувавме резултатите од истражувањето со резултатите од гласањето и секогаш, речиси во милиметар резултатите се поклопуваа.

И еве ги пак денеска СДСМ со ново соопштение мотивирани од резултатите од вчера и денеска објавените бројки од последното наше истражување. Сосема непотребно, лаички, дневнополитички се обидуваат нешто да докажат, иако, верувам дека и самите знаат каде се, какви се и верувам дека знаат што треба да прават. И ова истражување, како и сите претходни други се нарачани и платени од редакцијата на МКД.мк. Тоа СДСМ можеа да го проверат кога беа на власт, а и сега, ако искажат желба, можеме да им ги испратиме сите наши договори и фактури“, се вели во реакцијата на МКД.Мк.