Анкета за името: Македонците поделени, Албанците единствени

Половина од Македонците како етничка група поддржуваат менување на името со цел влез на Македонија во ЕУ и НАТО, според анкетата на Институт за демократија „Социетас цивилис“.



Околу 30 отсто од испитаниците од македонска националност одговориле дека целосно го поддржуваат тоа, а 20 отсто делумно.

Околу 42 отсто одговориле дека воопшто не поддржуваат промена на името.

Кај етничките Албанци нема дилема, 95 отсто одговориле дека целосно или делумно поддржуваат промена на името, додека 1 отсто одговориле дека воопшто не поддржуваат.

Кај партиските гласачи, 33 отсто од оние кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ даваат поддршка за промена на името. Кај симпатизерите на СДСМ, пак, 76 отсто одговориле дека се за промена на името.

На прашањето ако се промени името, дали сметаат дека ќе се промени и идентитетот, 60 отсто од Македонците одговориле потврдно. Односно 40 отсто одговориле дека целосно ќе се промени, а 20 отсто дека донекаде. 48 отсто од Албанците рекле дека идентитетот нема да се промени воопшто.

Институтот за демократија Социетас цивилис аннкетата ја спроведе преку телефонско испитување на национален пример од 1000 испитаници.