Андреевски: Да изградиме национална програма за Македонија! – Да не ни ја одредуваат други историјата, што се крепи на толку многу гробови!

„Не дозволувајте некој друг да ни ја контролира и нашата свест!“ – кажа генијалниот книжевен идеолог на македонската национална кауза Петре М.Андреевски во својот „Македонски манифест“ од 2003 година. Денешната 18-та годишнина од неговата смрт – на 25 септември 2006 година во Скопје – е нова пригода за навраќање кон неговото книжевно дело, кое претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и македонската национална самобитност. Во својот култен „Пиреј“, еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна епоха, кој е вистински споменик на македонската национална бит, Андреевски ја остава за навек во македонската книжевност и во колективното национално помнење монументалната симболика и споредба на непокорливоста на македонскиот народ со неуништливоста на пирејот: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева. … Племето наше е пиреј и не го крши ниедна војска, ниедна болест.“



„Македонскиот манифест“ на Андреевски од 2003 година е во апсолутна смисла послание на овој растајнувач на македонската душа до секое македонско поколение да им се спротивставува на сите угрози на опстојот на Македонија, на македонската нација, на македонизмот како македонска национална идеологија и филозофија на слободата. Покрај другото, во „Македонскиот манифест“ Петре М. Андреевски им порачува на Македонците: „Браќа и сестри, бидете на штрек! Не срамете се од ништо што е наше. Презирајте ги оние, што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, што ги позајмиле од нас. Сите оние, што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство.“

„Ние сме избраниот народ, кој го имаше и Божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки и кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува идејата и првиот образец за светска држава. Тука е основан првиот универзитет во Европа. Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени, но не и победени воини. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она одбрано место, на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме.“

„Браќа и сестри! Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. И низ секој изгрев што нè осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто, нашето знаме е сонце, а тоа е најстариот оган, на кој се грееме.“

Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, големиот македонски писател и патриот порача: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

Уште во октомври 1993 година во интервју за тогашниот неделник „Пулс“ Петре М.Андреевски ќе каже многу јасно што е најпотребното да се направи нешто, кое е неопходност и во овој миг: „Наместо да градиме национална програма, во која Македонија ќе биде со консензус наша определба, ние им даваме готови решенија на соседите за нивните национални програми, во кои е вклучена и нашата земја.“

Покрај другото, во тоа интервју Андреевски ќе каже: „Сите нации се бранат самите себе, а нашава како се уште да се брани од самата себе, односно од самите нас. Ние сме народ, кој е најподложен да се уништува себе си, народ кој ги претпочита туѓите вредности над своите. Сите наши соседи и денеска не одрекуваат, и во исто време не посакуваат. Како да не им е доволна нивната беда и како да не си се доволни самите себе. Во нас се уште некои гледаат монета за поткусурување. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење.“

„Грците имаат страв и срам од нас, што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како ‘Новоосвоени територии’. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. А Грција најмногу се прослави по нејзиниот пораз од Филип и Александар Македонски. Значи, како поразена земја. А Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија е и библиска земја, таа е постара и од Европа.“

Запрашан за тегобите, што се уште ги трпи македонскиот народ, во истото интервју Петре М. Андреевски укажа: „Ние и слободата ја прифативме со мошне голем талог на ропска психологија. Дали е тоа, во најголем дел, последица на делбите на Македонија? Не знам. Имав еден пријател кој имаше обичај да каже дека живееме во една третина татковина. Од тоа би требало да произлезе дека располагаме и со една третина слобода. Но слободата се остварува и во тоа колку сме готови да ја браниме и од нашите слабости. “

Две години подоцна во интервју за весникот „Вечер“ овој бележит македонски книжевен деец ќе ја изнесе и оваа забелешка: „Голема контроверза се и белосветските политички манекени, кои секој ден … ни нудат решенија за се и сешто, таму каде што сме нерешителни. Тие … во секоја пригода ќе се залагаат македонскиот ум да го однесат на периферијата од актуелниот миг, кажувајќи ни дека сме мал народ, мулнинационална заедница со граѓански устав, каде што Македонците  стануваат само граѓани, а малцинствата ’национални етникуми’.“

Во сличен контекст, во 1999 година на прашањето во какво време и каква земја живееме во интервју за весникот „Експрес“ академикот Петре М. Андреевски ќе нагласи: „Гледајќи кој се доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција, и дека секој што доаѓа не прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина. Нешто слично не дозволува ниедна суверена држава.“

Петре М. Андреевски e еден од најдаровитите и најпопуларните македонски поети, романописци, раскажувачи и драмски автори. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонскиот книжевен ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател). Во мај 2000 година бил избран како  редовен член на Македонската академија на наукии уметности. Почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Во 2007 година посмртно е одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.

Книжевното творештво на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски и т.н. Во 1984 и 2002 година биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Тој ги напишал романите: „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), „Тунел“ (2003) и „Бежанци (посмртно). Во делото на Андреевски се наредуваат стихозбирките: „Јазли“ (1960), „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1975), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999). Потоа, збирките на раскази: „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години“ (1974), „Сите лица на смртта“  (1994) и „Боеми“ (посмртно). Од перото на овој македонски книжевен деец излегле и стихозбирките за деца: „Шарам барам“, „Касни – порасни“ (сликовница), како и книгата со драми (1984), во која влегуваат „Време за пеење“ и „Богунемили“.

Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Македонската критика го прогласи романот “Пиреј“ како ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на вселенската љубов, химна на жената и татковината и како златна книга на македонскиот модернизам.

Подготвил: Свето Тоевски, врз основа на статијата на Блаже Миневски со наслов „Академик Петре М.Андреевски“, објавена во „Денешен весник“ на 15 септември 2018 година, како и други извори.