Андреевски: Грците извршија најголем геноцид врз Македонците во Егејска Македонија во историјата на Европа, а сега го бараат и името Македонија!

„Треба да градиме национална програма… во која Македонија ќе биде наша определба … Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат, а во исто време и нѐ посакуваат. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење. Грците  … го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. Долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија во нивните документи се водеше како ‘Новоосвоени територии’. Сега го бараат исклучивото право над Македонија и нејзиното име.“ – овој свој став, кој одекнува со еднаква сила и актуелност и во овој миг, го изнел генијалниот книжевен идеолог на македонската национална кауза Петре М.Андреевски во 1993 година во интервју за неделникот „Пулс“. Денешната 90-та годишнина од неговото раѓање – на 25 јуни 1934 година во демирхисарското село Слоештица – е нова можност за навраќање кон неговото книжевно дело, кое претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и македонската национална самобитност.



„Да се биде Македонец, најпрвин е света работа, а дури потоа проклетство и немир! Ние не сме Македонци само затоа што зборуваме и само затоа што пишуваме на македонски. Ние не сме Македонци само затоа што пееме и само затоа што играме на македонски. Македонци сме најмногу затоа што сме страдале и затоа што треба да се обединиме на македонски!“ – порачал овој голем македонски книжевен творец.

Во својот култен „Пиреј“, еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна епоха, кој е вистински споменик на македонската национална бит, Андреевски ја остава за навек во македонската книжевност и во национално колективно национално помнење монументалната симболика и споредба на непокорливоста на македонскиот народ со неуништливоста на пирејот: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева. … Племето наше е пиреј и не го крши ниедна војска, ниедна болест.“

„Македонскиот манифест“ на Андреевски од 2003 година е во апсолутна смисла послание на овој растајнувач на македонската душа до секое, но би се рекло особено до ова македонско поколение да им се спротивстави на сите угрози на опстојот на Македонија, на македонската нација, на македонизмот како македонска национална идеологија и филозофија на слободата.

Покрај другото, во „Македонскиот манифест“ Петре М. Андреевски им порачува на Македонците: „Не срамете се од ништо, што е наше. Презирајте ги оние, што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, кои ги позајмиле од нас. Сите оние, што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство. Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени, но не и победени воини. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. … татковината … секогаш била она одбрано место, на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме.“

Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, големиот македонски писател и патриот порача: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“

Тој e еден од најдаровитите и најпопуларните македонски поети, романописци, раскажувачи и драмски автори. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонскиот книжевен ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател). Во мај 2000 година бил избран како редовен член на Македонската академија на наукии уметности. Книжевното творештво на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски и т.н. Во 1984 и 2002 година биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Тој ги напишал романите: „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), „Тунел“ (2003) и „Бежанци (посмртно).

Во делото на Андреевски се наредуваат стихозбирките: „Јазли“ (1960), „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1975), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999). Потоа, збирките на раскази: „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години“ (1974), „Сите лица на смртта“  (1994) и „Боеми“ (посмртно). Од перото на овој македонски книжевен деец излегле и стихозбирките за деца: „Шарам барам“, „Касни – порасни“ (сликовница), како и книгата со драми (1984), во која влегуваат „Време за пеење“ и „Богунемили“. Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати).

Петре М.Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Во 2007 година посмртно е одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.