Македонецот од Данска, Андреас Трајковски, денеска ќе настапи на Европското атлетско првенство во Рим како прв од двајцата македонски натпреварувачи на шампионатот, покрај Дарио Ивановски, обајцата со исполнети норми.
Трајковски ќе се појави во квалификациите во скок во далечина закажани за 12:55 часот на олимпискиот стадион, во кои ќе влезе со личен рекорд од 7,91 метри и со најдобар резултат сезонава од 7,84 м, кој му го донесе 25. место меѓу 30 најдобри европски атлетичари во оваа дисциплина и со тоа норма за ЕП.
„Ова ќе биде мое прво учество на сениорско Европско првенство во мојата кариера и многу сум возбуден што ќе го носам македонскиот дрес. И имам единствена цел, а тоа е да се пласирам во финалето и да испишам историја за Македонија“, изјави 31-годишникот роден во Копенхаген, кој до 8 февруари 2022 година настапуваше за Данска, а оттогаш за родната земја на неговиот татко Христијан, некогашен дански шампион на 100 м и на 200 м.
Финалето во скок во далечина е утревечер од 20:06 ч., а во него ќе има место за сите со прескокнати 8 м или за најдобрите 12 натпреварувачи.
Вториот македонски учесник на првенството, 27-годишниот Ивановски, на 9 јуни од 9 ч. ќе биде дел од 68 атлетичари од 24 земји што ќе настапат во полумаратонот. Неговиот личен рекорд е 1:04,45 ч., а најдобриот резултат сезонава 1:06,32 ч.





