Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски ќе настапи на првиот натпреварувачки ден на Европското првенство во сала во Апелдорн, Холандија, кадешто ќе биде еден од 18. учесници во квалификациите во скок во далечина закажани за вечерва во 20:30 часот.
Најдобриот резултат сезонава на единствениот македонски претставник на шампионатот е 7,72 метри, кој на 29 јануари му го донесе осмото место во Белград како прв Македонец на еден од деветте „златни“ митинзи во сала под капата на Светската атлетика.
Претходно, на 21 јануари, заврши трет на „бронзениот“ митинг во дански Орхус со прескокнати 7,65 м, а на 15 февруари го освои бронзениот медал на Балканското првенство во Белград со 7,63 м.
Неговиот и македонски рекорд во сала во оваа дисциплина е 7,79 м, поставен на Балканијадата во Истанбул минатата година, на која беше вицешампион.
Андреас, кој на 18 март ќе наполни 32 години, е роден во Копенхаген, а неговиот татко и тренер Христијан Трајковски е некогашен првак на Данска на 100 м и на 200 м.
Андреас Трајковски се натпреварува под знамето на Македонија од 8 февруари 2022 година и е сопственик и на државниот рекорд во скок во далечина на отворено од 7,91 м остварен во 2023 година.





