„За Македонија бев подготвен секогаш да го жртвувам својот живот. За мои 100 години убив 100 предавници на организацијата. Ликвидирав Tурци, србомани, гркомани, бугарски попови, грчки попови и даскали. Јас ја ослободив мис Стон откако беше платен откупот.“ – изјавил македонскиот револуционер, деец на ТМОРО/ВМОРО Андон Лазов Јанев-Ќосето во една пригода. Тој живеел и дејствувал со идеалите на Гоце Делчев за слободна и независна Македонија. Починал на 10 септември 1953 година во Благоевград, во Пиринскиот дел на Македонија, денес во Бугарија.
На обвинувањата дека е санданист и разбојник, Андон им одговарал дека не е ниту санданист, ниту сарафист, ниту делчевист, туку човек на Организацијата и оти не им служи на личности, туку на Македонија. Роден е на 25 декември 1854 година во селото Голозинци, Велешко. Познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот, од 1896 година бил борец во четите на Михаил А. Попето, Јане Сандански, Христо Чернопеев и други, а потоа формирал своја чета. Во 1897 година учествувал во пленувањето на струмичкиот Назлим-беј, потоа во 1901 година на мисионерката Мис Стон, како и во Илинденското востание во 1903 г. Потоа бил војвода во Гевгелиско, инспектор на четите, делегат на првиот (редовен) конгрес на Серскиот револуционерен округ (1905) и доброволец во Македонско-одринското ополчение (1912–1913), по што живеел во Горна Џумаја. Секоја наредба на ВМРО ја извршувал без поговор. Таму каде што ќе загустеле работите на теренот, каде требало да се расчистат сметките со тие што му создавале проблеми на народот го испраќале Ќосето.
По обидот за убиство на видниот Турчин Али Чауш, кој сакал да му удри шамар зошто не му оддал почит додека поминувал, Андон го напуштил Велес и избегал за Солун. Даме Груев кој бил известен со писмо за настанот во Велес, преку учителот Атанас Мурџев и поп Стано, го придобиле Андон да им се приклучи на Македонската Револуционерна Организација. Подоцна тој се запознал со Даме Груев и директно добивал наредби од него. Организацијата го ангажирала да работи како таен полицаец, а извесен период за да го прикрие идентитетот и својата илегална активност го возел пајтонот на д-р Христо Татарчев.
Меѓутоа, Андон често пати знаел да работи на своја рака во пресметката со српската и грчката пропаганда, која ја попречувала работата на Организацијата. Дејствувањето на Андон без знаење на Организацијата, што довело до голема врева и ангажирање на војската, предизвикало голем револт кај Даме Груев кој го предупредил, велејќи му: „Уште еднаш такви работи да не правиш, дури и ако те навредат. Само тогаш кога ќе ти дадеме некоја задача, само тогаш ќе дејствуваш“.
Андон извршувал задачи добиени од Гоце Делчев. Раскажувал: „Започнав да се движам насекаде, минувајќи и од едната и од другата страна на Вардар, во Кукушко, во Дојранско, Малешевско, Струмичко. Едно време јас требаше да ги обиколувам и другите околии. Ќе се појавеше некаде раздор, или не ќе одеа добро работите во реонот, Делчев веднаш ќе ми напишеше да отидам таму. Ќе го средев тој реон, ме испраќаа во друг реон, а тој го предавав на друг. Се расправав само со непријатни гости. Како да се наоѓав пред една шума, преку која не минуваше пат, та јас со секира в раце требаше да правам пат среде таа гора. Веднаш потоа излегоа, за секој реон чета. А ние бевме првата чета. И јас ќе отидам таму, ќе скокнам, каде со добро, каде со нож. По едно време се заплашија…“
Во 1900 година, Андон ја имал првата средба со Јане Сандански. Тој го организирал префрлањето на четата на Јане Сандански и му дал корисни информации за состојбата на теренот. Откако Организацијата се соочила со недостаток на средства, повторно се сретнале со Јане Сандански и Христо Чернопеев за да го организираат пленувањето на Сулејман бег во Горна Џумаја. Увидувајќи дека тешко можат успешно да ја спроведат акцијата, тие своето внимание го насочиле на мисионерката Мис Елен Марија Стон, која се канела да го посети Серско и Струмичко. Андон кој станал добар пријател со Сандански, учествувал во шестмесечното криење на Мис Стон од турските потери, а по добивањето на откупот бил задолжен да ги ослободи. На 23 февруари 1902 година, Андон ја ослободил Мис Стон во селото Градошорци, во непосредна близина на Струмица.
Во текот на Илинденското востание заедно со Ѓорче Петров и Лука Иванов предводи чета во Прилепско. Со почетокот на Балканските војни во есента 1912 година учествувал во формирање на чета на чије чело бил Христо Чернопеев. Учествувал во нападот на Разлог. По војните Андон Ќосето живеел во Горна Џумаја, денешен Благоевград, каде работел како службеник во тамошната администрација. Секогаш говорел со огромна почит за Гоце Делчев, а знаел да пушти солзи кога зборувал за него. „Кој го знаеше и кој не го знаеше, го почитуваше. Сите чети, што ги имаше тогаш, легални, нелегални, сите му беа нему потчинети. Кај него немаше никогаш груба забелешка, да рече лош збор, или да се намурти.“ – раскажувал подоцна Андон за големиот македонски револуционер.






